Услов да се прифати нивниот услов е да се прифати нашиот услов

Денко Малески

Постои една тенденција во човековата природа да гледа на привремената сегашна состојба во меѓународната политика како на перманентна. Оттаму и шокот кога ќе дојдат промените. Униполарниот момент траеше триесет плус години и зврши со појавата на други две големи сили, а сепак, сеуште доминира мислењето дека живееме во „американската ера“. Ова не го пишувам затоа што одеднаш сум станал „анти-американец“ туку затоа што, следејќи го советот на Макијавели, на светот не гледам каков што сакам да биде туку каков што е. А светот денес доживува драматични промени: на европскиот хоризонт се наѕираат темни облаци. На континетот кој беше синоним за мир и просперитет цели 80 години, се одвива најстрашнашниот воен судир од Втората светска војна наваму со многу негативни последици за кои уште не сме свесни. Фактот што таа војна продолжува и покрај делумното повлекување на нејзиниот иницијатор Америка, зборува дека тенденцијата за која пишувам на почетокот од текстот, таа слабост на човековата природа да се соочи со новите реалности,е присутна кај европските политичари, како, впрочем и кај нашите власти.

Значи, во услови кога разни опасни сценарија за нашиот континент се во игра, од распаѓање на ЕУ до крај на НАТО после поразот на украинската прокси војна со Русија, македонската власт се однесува како да сме сеуште во „американската ера“. Не беше доволно ниту предупредувањето на поранешниот американски амбасадор во Македонија и во Србија, Кристофер Хил, кој во заминување од Белград, порача дека балканските народи мораат самите да си ги решаваат проблемите зашто Вашингтон не е веќе дестинацијата за нивно решавање како што било во минатото. Како одговор на ова предупредување македонската влада, како што се вели, ги стави сите наши јајца во кошничката на Доналд Трамп. Зошто?

Затоа што биле блиски со некои луѓе кои се блиски со Трамп!? Ова ли е стратешко размислување? И додека ситуацијата е алармантна и промените во светската политика и во Европа ќе ги дочекаме неспремни како држава со нерешени проблеми со еден сосед и надвор од ЕУ, премиерот во вчерашното интервју за „Канал5“ бара сите да олабавиме и да и дадеме на владата време да ги исполни предизборните ветувања околу „името“ и односите со Бугарија.

Повторно со истата наивност како онаа дека сме некакви стратешки парнери со САД, ја повторува истата предизборна заблуда: дека Македонија, со поинаква политика ќе му го врати достоинството на народот со кое плативме за да опстанеме како држава. Услов, пак, за прифаќање на европскиот услов за внесување на Бугарите во уставот, е да се прифати неговиот услов за гаранции од страна на Брисел. Во светот на реалната политика, така добро илустрирана со актуелните настани во Украина и на Блискиот Исток, ова звучи по малку смешно. Подеднакво смешно како и нашата правна аргументација која е дел од еден свет каков што сакаме да биде ама не е.

Зборувајќи за улогата на политичарот во меѓународната политика, некој со големо искуство рекол вака: Потребна е огромна храброст да се зафатиш со голема задача без сигурност дека ќе успееш. Да го зграпчиш вистинскиот момент во просторот и во времето е се.

 

Back to top button
Close