„Гардијан“: Рекорден број функционери исклучени од Комунистичката партија на Кина
Комунистичката партија на Кина исклучила рекорден број функционери на крајот од важниот политички состанок, а размерите на чистките што ги спроведува претседателот Шји Џјинпинг ги илустрира досега незабележаниот број празни места во салата, пишува лондонски „Гардијан“.

На петтиот пленум, годишниот состанок на највисоките партиски функционери, оваа недела биле исклучени 33 членови, што е најголем број досега.
На пленумот учествувале 279 од вкупно 376 редовни и заменски членови на Централниот комитет, именувани во 2022 година. Тоа значи дека отсуствувале повеќе од една четвртина од членовите, од кои многумина биле отстранети во рамки на чистките. Станува збор за најголем број отсутни членови на еден пленум во современата кинеска историја.
Потврдено е исклучувањето на Џанг Јуција, поранешниот втор човек во воената хиерархија, и Ма Синжуи, поранешен партиски секретар за Синџијанг. Причините за отсуството на останатите членови не се официјално објаснети.
„Големиот број отсутни покажува дека пленумот бил посветен на визијата на Шји за строга внатрепартиска дисциплина“, напиша на платформата Икс, Нил Томас, виш соработник во институтот „Азија сосајети“.
Управувањето со партијата било главна тема на пленумот. Откако ја презеде власта во 2012 година, Шји се посвети на искоренување на корупцијата во партијата. Во последните години таа кампања се интензивираше и се прошири на највисоките партиски и воени структури, што отвора прашања дали таа се користи и како средство за отстранување политички ривали и казнување на нелојалноста, пишува „Гардијан“.
Се чини дека Шји е сè понезадоволен од состојбата со дисциплината во партијата, која има апсолутна власт врз кинеската држава и општество. Претходно оваа година тој изјави дека партијата мора да ги отстрани „болните дрвја“ и дека борбата против корупцијата е „пат без крај“.
Низа чистки значително го намалија бројот на членови на седумчлената Централна воена комисија, највисокото раководно тело на Народноослободителната армија на Кина. Во комисијата останале само двајца членови – Шји и Џанг Шенгмин, главниот воен истражител задолжен за борбата против корупцијата.
Џанг оваа недела беше унапреден во член на Политбирото, највисокото раководно тело на Комунистичката партија. Со тоа стана единствениот претставник на војската во тоа раководно тело.
Пленумот беше и подготовка за 21. конгрес на партијата што се одржува на секои пет години и се очекува во втората половина на 2027 година.
Аналитичарите предвидуваат дека Шји на конгресот ќе обезбеди четврти мандат на чело на партијата. Со тоа би станал најдолговечниот лидер на комунистичка Кина по Мао Це Тунг. На конгресот следната година ќе биде обновен составот на Централниот комитет и Политбирото.
Сепак, според оценките на многу аналитичари, чистките биле толку опсежни што останале малку соодветни кандидати за унапредување.






