Бакарот, никелот и цинкот се важни за европската индустрија: Брисел очекува Македонија да ги усогласи политиките за критични суровини

Македонија има потенцијал да стане дел од европските синџири на снабдување со критични суровини, но за тоа е потребно усогласување со политиките и законодавството на Европската Унија. Ова е една од пораките во последниот Извештај на Европската комисија за земјава, во кој се истакнува значењето на домашните минерални ресурси за индустрискиот и производниот сектор во регионот.

Според извештајот, железото, никелот, бакарот и цинкот се меѓу ресурсите кои имаат витално значење за регионалната индустрија. Македонија произведува и олово и други минерали кои се дел од развојот на рударската индустрија.

Европската комисија посочува дека земјава треба да ја усогласи својата регулатива со европската рамка за критични суровини и да усвои законодавство што ќе овозможи интеграција во синџирот на вредности на ЕУ.

„Северна Македонија сè уште треба да се усогласи со Директивата за критични суровини (CRM), како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини“, се наведува во документот.

Во таа насока, домашните власти најавија нови закони за рударство и геологија, со кои би се утврдиле листи на стратешки и критични минерални суровини. Новата законска рамка треба да овозможи и инвестициите во рударството да добијат статус на „стратешки проекти“, што би придонело за поефикасни процедури за издавање дозволи.

Кај нас единствена активна инвестиција во моментов е во рударскиот проект за ресурсите за бакар во „Иловица-Штука“. Зад оваа инвестиција стои „Трафигура“, мнозински сопственик на Еуромакс Ресоурцес, компанијата концесионер на проектот за рудникот во Иловица. Трафигура во своето портфолио веќе има проект кој од страна на Европската Унија е означен како „стратешки“ и подлежи на забрзани процедури. Станува збор за рудникот за бакар „Долина Ровина“ во Романија. Носител на проектот е „Еуро Сан Мајнинг“, компанија која е финансиски поддржана од Трафигура.
„Потпишувањето на овој Меморандум за разбирање со Macquarie и Trafigura, заедно со стратешката капитална инвестиција од страна на Trafigura, претставува значајна пресвртница за проектот „Долина Ровина“. Заедно со нашите постоечки аранжмани, овие договори го утврдуваат значителниот дел од рамката за финансирање, предвидена за унапредување на проектот кон фазата на изградба“, изјави во септември годинава извршниот директор на „Еуро Сан Мајнинг“, Грант .

Проектот забрза откако тој се најде на листата на 47-те стратешки проекти на Европската Унија, кои тежнеат да го направат континентот енергетски независен од трети страни. Романското наоѓалиште е второто најголемо наоѓалиште на злато во Европа и е второто докажано најголемо наоѓалиште на бакар.
Инаку, мултинационалната компанија изминатиов период доби поддршка и американската администрација за проект за критични суровини. Американското Министерство за енергетика (DoE) додели средства на „Nth Cycle“, компанија за рециклирање батерии поддржана од Трафигура, за објект за преработка на метален отпад од батерии познат како „црна маса“. Како што напиша Ројтерс, компанијата за рафинирање на критични метали „Nth Cycle“ во март годинава потпиша 10-годишен обврзувачки договор за испорака на никел и литиум на „Трафигура“ за околу 1,1 милијарда долари. Договорот бил потпишан на маргините на Индо-пацифичкиот министерски и бизнис форум за енергетска безбедност во Токио, а Ројтерс анализира дека тој е резултат на засилените напори на владите ширум светот за намалување на зависноста од Кина за критични метали.

Исто така, пред само неколку денови Трафигура склучи стратешки договори со американската компанија CVR Energy за поддршка на нејзиното планирано преземање на две рафинерии во САД. Вкупната инвестиција и поддршка од Трафигура во трансакцијата ќе надмине една милијарда американски долари, соопшти компанијата. Станува збор за рафинеријата „Мандан“ во Северна Дакота и рафинеријата „Сент Пол Парк“ во Минесота. Како дел од договорот, Трафигура ќе вложи 800 милиони долари во нови акции на CVR Energy, со што ќе стекне малцински удел во компанијата по завршувањето на преземањето. По успешното финализирање на трансакцијата, Трафигура Трејдинг ќе стане ексклузивен снабдувач со сурова нафта и партнер за посредување во трговијата со двете рафинерии.

Освен во САД, компанијата има значаен напредок и во европската индустрија.  „Трафигура“, склучи договор за кредит од 1,5 милијарди американски долари, со гаранција од германската држава, за обезбедување на снабдувањето со природен гас. „Трафигура“ веќе има воспоставено значајно партнерство со Германија. Во 2022 година компанијата обезбеди кредит од три милијарди долари, со делумна германска државна гаранција, за испорака на значителни количества природен гас преку европската гасна мрежа. Во февруари 2026 година следуваше и договор од 1,1 милијарда долари, гарантиран од германската држава, за долгорочно снабдување на германската индустрија со критични метали.

Додека САД и ЕУ гледаат на оваа компанија како партнер во обезбедувањето на енергетска независност, кај нас проектот за бакар во Иловица зад кој стои Трафигура, наидува на пречки. Инвеститорот во Иловица го најави рудникот како најголема странска гринфилд инвестиција во нашата држава и само во првите две години, односно првата фаза на изградба на рударскиот комплекс ќе се реализира почетна инвестиција од над 340 милиони евра, што значително ќе влијае и на растот на БДП. 

Back to top button
Close