Иран: Ниту еден брод ноќеска без дозвола не поминал низ Ормуската Теснина

Навигациските системи во јужниот дел на Ормуската Теснина биле уништени, поради што во текот на ноќта ниту еден брод не поминал низ тој стратешки поморски коридор без дозвола, соопшти денеска претставник на иранската Исламска револуционерна гарда.

Тој не даде дополнителни детали во изјавата дадена за иранските државни медиуми.

Инаку, Исламската револуционерна гарда редовно известува за инциденти со танкери во Ормуската Теснина.

Друг претставник на иранските власти соопшти дека во ноќешниот американски напад врз островот Кешм во северозападниот дел на Теснината, не биле погодени објекти на виталната инфраструктура. Тој истакна дека целите на нападот биле оддалечени од станбените и трговските зони.

Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека нема значителен напредок во преговорите со Иран.

„Во моментов работите не се одвиваат особено успешно, бидејќи барањата на Иран не се само неприфатливи, туку во некои случаи се вознемирувачки, апсурдни и целосно нереални“, изјави Рубио вчера пред новинарите, пред заминувањето за Париз, каде денеска и утре ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска во Белата куќа ќе го пречека емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, чија земја посредува во преговорите.

Back to top button
Close