Алта вител

Љупчо Поповски

Светот може да го нарекувате „српски“, „балкански“, „регионален“ или како милувате, но колку и да сакате да се правите надмено индифирентен настаните во Србија пред и по изборите на 25 октомври ги зафатија како бура поранешните југословенски републики. А и соседите кои не беа дел од југослованската федерација, но имаа врски со неа. За Северна Македонија окото на таа бура е вителот што се вика Алта банка. Одземањето на дозволата за работа на банката од страна на Народната банка на Србија и одлуката таа да оди во стечај се чини дека предизвика поголем политички земјотрес овде во Северна Македонија отколку во самата Србија.

И има некакво објаснување за тоа: освен што беше уапсен опскурниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, српското општество, и тоа уште пред да се конституира новото собрание, а Студентската листа да дојде на власт, е сведок на неверојатни настани кои до пред 25 октомври, за време на власта на Александар Вучиќ, беа незамисливи: обвинителството наеднаш како да ги скрши прангите, па се апсат директори, градоначалници, високи полициски началници, се проверуваат наместените „истраги“ за звучниот топ, се објавуваат податоци за прислушување на цели новинарски редакции. Општеството влезе во фаза на прочистување уште пред да дојде новата власт. Во Белград овие денови се шири слоганот за наводната ситуација во полицијата и специјалните единици за апсењето на командантите од нивните заменици: „Те апсам јас за да не ме уапсиш ти мене“.

Можеби ова изгледа како добра српска досетка, но општеството зачекори низ чистилиштето по 14-те години на режимот на Вучиќ. Во тоа прочистување меѓу првите настрада озлогласената Алта банка. За С. Македонија нејзината судбина и на нејзиниот сопственик ќе беше неважна, ако таа пред една година не направи аквизиција, односно не ја купи Стопанска банка Битола. И на битолчани денес им го врати кошмарот на ТАТ.

 

Кнедла по кнедла

Се разбира, Алта банка Битола е мала банка, учествува со 2,9 отсто во банкарскиот сектор кај нас, но политичките реперкусии за политичката ситуација во државава е како власта да била погодена од торпедо. Можеби се сеќавате, а можеби и не, но на 9 април оваа година, три дена пред изборите во Унгарија, вицепремиерот Александар Николоски во „Само интервју“ на Канал 5 самоуверено тврдеше дека „Виктор Орбан повторно ќе биде унгарски премиер“. На Орбан му се случи вистинска катастрофа, потоп на изборите. Таа кнедла едвај ја проголтаа неговите овдешни побратими.

На 25 октомври имаше нова голема кнедла за голтање, иако владините структури и вмровските ешалони веруваа дека Александар Вучиќ ќе извади уште една изборна победа од својот шешир. Затоа што кој може да го победи тој „врвен политички маг“ на балканската политика. И тој доживеа катастрофа. Вториот побратим од оската во која Скопје беше јужниот дел беше столчен. Од народот.

И потоа дојде „македонската трагедија“, т.е. трагедијата на овдешната власт со Алта банка. Нема потреба да се навраќаме на изјавите од минатата недела на гувернерот Трајко Славески за тоа дека продажбата на Стопанска банка Битола била речиси изнуден чекор затоа што „банката беше на стаклени нозе“. Можеби била на стаклени нозе, но откако тој ја даде дозволата за нејзина продажба, она што порано беше Стопанска банка Битола сега е ничкосана. Гувернерот, а и премиерот Христијан Мицкоски сега се во очајничка потрага по купувач на Алта банка Битола (која е под привремена админстрација). Ако тоа успее премиерот ќе може да се претстави како политички маг – дека, ете, тој е мајстор да најде излез и од најкомплицираните ситуации.

Но ова е политички вител, а од него не се излегува така лесно. Или се излегува со раздрпани алишта и изморено тело. Алта вителот за властите беше инцидент кој не го очекуваа и ги најде неподготвени. Како што не го очекуваа и поразот на Вучиќ и падот на неговиот режим. Опозицијата во овој вител стоеше крај брегот и сега виде идеална шанса да каже – за сѐ бевме во право кога уште пред една година предупредувавме дека влегувањето на Алта банка е влез на криминални пари од Србија поврзани со недозволиви махинации, а Давор Мацура е истурена алатка и маша на Вучиќ. И дека преку Алта банка се воспоствува крвоток преку кој треба да течат матните српски пари. А браните со задоволство ги кренаа Мицкоски и Славески.

 

Политички трикови

Една политика која чувствува дека ѝ се ниша тлото под нозете прибегнува кон разни трикови. Не е тука важно дали се дозволени или не. Кога политика била витешка вештина? Се сеќава ли некој на таква работа. Или дали прочитал за тоа тоа некаде во историските книги. Затоа „бомбата“ што ја фрли Мицкоски на Надзорната расправа во Собранието ја измести опозицијата и ги растресе нејзините планови. Мицкоски рече дека во октомври 2023 владата на Димитар Ковачевски донела одлука за наводно отстапување на државни акции на Алта банка. И дека всушност СДСМ, а не ВМРО-ДПМНЕ, ги отворил портите за Алта банка. Се разбира, ако Мицкоски ја прочиташе внимателно точката од дневниот ред, а не само да прлета преку зборовите, јавноста ќе разбереше дека станува збор за нешто друго. Точката за која се разговарало била „Информација во врска со потребата Државното правобранителство на Република Северна Македонија како законски застапник на Министерството за финансии, да го застапува истото пред органите во Република Србија, во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград“. Не за продажба, не за согласност, не за понуда, туку за проблемот со минорните акции што ѝ припаднаа на Македонија од југословенската сукцесија по купувањето на ЈУБМЕС банката од страна на Алта банка. Откако обезбеди повеќе од 90 отсто од акциите, Мацура, според српскиот закон, можеше да ги „земе“ и преостанатите акции без да бара согласност. И ги зеде. Без оглед што државниот правобранител беше испратен во Белград да ги брани интересите на државата Македонија. Во одлуката пишуваше дека Владата „го задолжи Државното правобранителство на Република Северна Македонија да поведе соодветни постапки пред органите на Република Србија доколку за истото постојат законски можности, заради заштита на правата и интересите на Министерството за финансии на Република Северна Македонија“. Но премиерот, за да направи впечаток, не продолжи да чита понатаму освен првата реченица.

Бомбата беше фрлена, СДСМ реагираше откако малку слегна прашината. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро рече: „Прв сведок на Надзорната расправа беше Христијан Мицкоски, а кога нема одговор, спинува и лаже. Премиерот денеска на надзорната расправа изнесе брутална лага дека владата на СДСМ донела одлука да влезе во деловни односи со Алта банка Србија“, изјави Филипче. Тој рече дека тогашната македонска влада не дала согласност за продажба на акциите што ги поседувало Министерството за финансии, но дека Мацура добил согласност од Босна и Херцеговина и веќе можел да оди понатаму поради дозволата на законите.

Мицкоски потоа замина на брифинг со одбрана група новинари да ги информира дека не размислува за предвремени избори, затоа што Македонија ја чека многу предизвикувачка 2027 година и да соопште дека неговата партија направила три анкети со три различни агенции и дека рејтинзите биле 24 за ВМРО-ДПМНЕ и 8,5 отсто на СДСМ. Значи размер 2,8:1. Сите политики се успешни.

 

Разузнавањето не знае ништо

Имаше и други „бомби“ на Надзорната расправа. Некои паднаа блиску до оние што ги фрлија. На пример, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, рече дека тие во периодот на влез на Алта банка во државата не располагале со разузнавачки сознанија што би укажувале на безбедносни закани или ризици што би наложиле известување на државниот врв. „Пред да се споделат одредени информации, следи сериозна фаза на нивна евалуација, задолжителна проверка на нивната точност и веродостојност, како и оцена на релевантноста на изворите. Не биле исполнети условите за задолжително известување на државниот врв поврзано со Алта банка“, рече Јаковлева.

Хм. Дали Агенцијата за разузнавање не си ја завршила добро работата по сите повеќегодишни пишувања во српските медиуми за контроверзноста и на Алта банка и на Давор Мацура? Или, пак, ги следеле и како во оној поранешен квиз заклучиле: „Да, ама не е битно“.

Други „бомби“ паднаа за Алта, но не во Скопје, туку во Белград. Вечерта откако заврши Надзорната расправа Обвинителството за организиран криминал на Србија му забрани на Давор Мацура, и на компании во негова сопственост да располагаат со имотот, вклучувајќи околу 35 хектари градежно земјиште на поранешната Автомобилска и тракторска индустрија (ИМТ) во Нов Белград, објави „Инсајдер“.

Што би можело тоа да значи во трескавичните обиди на македонските монетарни власт (со помош на владата) да се најде купувач за Алта банка Битола засега е нејасно. Ако на Мацура му е забрането да располага со својот имот тогаш како би можело да ги продаде 95-те отсто акции на Алта банка Битола на заинтересиран купувач?

 

Фалсификувани евра

Другата „бомба“ беше на познатиот економски новинар Милан Ќулибрк, кој во неделникот „Радар“ во четвртокот објави исклучително интересна истражувачка сторија дека кога Давор Мацура на почетокот на оваа година дознал оти инспектори од Народната банка на Србија наскоро би можеле да дојдат за да ја проверат вистинската количина готовина во неговите трезори во Алта банка, дошол до „генијална“ идеја: едноставно да ги испечати парите што недостасуваат. За да ја пополни „дупката“ во трезорот, Мацура во стилот на искусен дилер (банката ја купи како сопственик на синџир менувачници) наводно од приватна печатница нарачал брзо да му изработи фалсификувани банкноти од 500 евра. Соговорникот на „Радар“ објаснува дека потоа тој ги измешал овие банкноти со вистинските пари; со помош на неколку соработници во кои имал голема доверба, ставил снопови вистински банкноти на врвот и на дното, а меѓу нив ги вметнал фалсификатите – сметајќи дека никој од надлежните органи не би се посомневал дека еден банкар воопшто би можел да смисли таков план.

Реалната состојба во трезорот на банката на Мацура значително се разликувала од она што било прикажано во нејзините деловни евиденции – факт што е во фокусот на истрагата што ја спроведува Обвинителството за организиран криминал. Во белешките кон годишните финансиски извештаи за претходната година, Алта банка навела дека, заклучно со 31 декември 2025 година, располагала со „бруто“ износ од 90,5 милијарди динари во готовина (770 милиони евра). Од овој износ, 5,65 милијарди динари (48 милиони евра) биле во странска валута, чувани како задолжителна резерва кај Народната банка на Србија, додека 30,7 милијарди динари се наоѓале на тековна сметка – бројка што е десет пати поголема од онаа од претходната година.

Најголемиот дел од оваа сума – наводно во готовина – се чувал во трезорот: 53,8 милијарди динари (460 милиони евра), од кои 38,9 милијарди во домашна валута, а 14,9 милијарди во странска валута. За споредба, на 31 декември 2022 година, истата банка во благајната имала само 11,2 милијарди динари. Со други зборови, за само три години, таа ја зголемила својата достапна готовина не за 4,8 отсто, туку за 4,8 пати – од 95 милиони на 460 милиони евра.

Само овој факт би требало да вклучи „црвен аларм“ во НБС и да ги поттикне инспекторите да ја испитаат ситуацијата: зошто една банка би чувала пари во трезор, наместо да ги пласира преку кредити за да оствари принос? Тоа, се разбира, под претпоставка дека парите навистина постоеле – а не само на хартија.

Ако за Народната банка на Србија тоа не било чудно, зошто би било чудно за Народна банка на Македонија или за оние што требало да собираат информации. Дополнителната истрага би требало да утврди дали таа маса на готовина – која била прикажана само на хартија – содржела и фалсификувани пари; таков чин би бил рамен на разбојништво и би претставувал настан без преседан во историјата на банкарството.

Ќулибрк пишува дека „во екот на оваа хаотична сага, речиси никој не забележа дека на 26 октомври – само еден ден по изборите на кои Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка ја изгубија власта првиот човек на Алта банка направи очајнички обид да ја спаси институцијата. Тој ден, по дополнителната инјекција од 2,9 милијарди динари (извршена во јуни оваа година), уплатениот капитал на Алта банка се зголеми на 22,34 милијарди динари – што е приближно 190 милиони евра. Сепак, очигледно тоа не беше доволно за да се спречи колапсот, до кој дојде само четири дена подоцна“.

Штом неговите политички ментори ја изгубија власта, Мацура ја изгуби својата банка, а Македонија влезе во Алта вител. На ужас на властите. И за голема секирација на граѓаните кои таму имаат сметки и можат да подигаат пари на лажичка.

 

Back to top button
Close