Солидарноста во форма на идеологија

„Remember: ideology (as well as its critique) is in the form“. (Slavoj Žižek)

Во филмот „They Live“ на Џон Карпентер, главниот лик, Џон Нада, бездомник во Лос Анџелес, пронаоѓа необични очила за сонце. Кога ќе ги стави, светот околу него ја открива својата скриена идеолошка порака: зад рекламите и секојдневните слики се појавуваат пораки за послушност и потрошувачка. Жижек во ова гледа нешто суштинско: идеологијата не е само лага што некој ни ја наметнува, туку начинот на кој сме научиле да ја гледаме стварноста, толку длабоко вкоренет што ни изгледа сосема природен. Велиме дека некој гледа низ розеви очила, претпоставувајќи дека треба да ги симне за да ја види реалноста. Кај Карпентер е обратно: мора да ги стави за да прогледа. Но да ја препознаеме идеологијата не значи дека сме се ослободиле од неа. Понекогаш токму способноста да кажеме „свесни сме колку е ова погрешно“ ни овозможува да продолжиме како ништо да не може да се смени. Во тој случај критиката не го загрозува системот, туку служи како вентил што ни овозможува да ја зачуваме совеста чиста. Освен тоа, чувствуваме и посебно задоволство од сопствената просветленост, од уверувањето дека ја гледаме вистинската природа на системот. Така, разобличувањето на идеологијата станува извор на уживање што, пак, ја репродуцира.

Во еден широко распространет евроцентричен наратив, колонијалните освојувања, масакрите и грабежите се објаснуваат со „човековата природа“ и вечната борба за моќ.

Неретко се цитира Тукидид. Злосторствата се универзални: сите сме исти, сите империи, сите епохи. Но затоа Просветителството, науката и човековите права се „европски вредности“, цивилизациски подарок на Европа. Злоделата се социјализираат, достигнувањата се приватизираат.

Кога во 2008 година експлодираше финансиската криза, се примени слична шема. Децениите дерегулација, од ерата на Реган и Тачер, ја утврдија логиката според која шпекулацијата носи приватен профит, а нејзиниот системски ризик на крајот го презема општеството. Кога банките се најдоа пред колапс, ни рекоа дека спасувањето е „неопходно“. Неопходно за кого? Во познатата формула на Тачер, There Is No Alternative, политичкиот избор се претставува како природен закон. А алтернатива постои, (но како да е „забрането овошје“ во политичкиот и медиумскиот мејнстрим): јавна контрола или национализација на несолвентните банки, смена на управите, истраги и кривична одговорност каде што би се докажала измама, заштита на депозитите и платниот промет наместо на акционерските привилегии. Наместо тоа, системот беше привидно стабилизиран, извршните директори си поделија стотици милиони долари и евра од народните пари како бонуси, а милиони луѓе платија со невработеност, изгубени домови и штедење.

Кој одлучи како ќе се употреби јавната моќ, кому му служеше и зошто не се направи подлабока промена? Последиците ги гледаме денес. Финансијализацијата на еконимиите пренасочи огромни количини капитал од продуктивни инвестиции кон финансиски и имотни средства, придонесувајќи за сè поголема концентрација на богатството кај најбогатиот еден процент и за создавање нова класа: асетократија, чија моќ произлегува од сопственоста, од растот на вредноста на имотот и од извлекувањето рента, а не од создавањето нова реална вредност. Капитализмот, во својата сè поизразена рентиерска форма, ја поткопа сопствената продуктивна основа. Почна да се јаде самиот себе. Тоа е можеби неговиот најголем парадокс. Во економии во кои финансиските приноси, вредноста на активите и рентата често имаат предност пред продуктивните инвестиции, кризата со домувањето станува секојдневен доказ за вистинската распределба на моќта. Во Германија, во 2025 година, 52,8% од населението живеело под кирија. Големите компании за недвижнини имаат огромна моќ во обликувањето на пазарот. Проблемот го сочинуваат недоволната понуда, скапото градење, шпекулативниот притисок и третирањето на домувањето како инструмент за принос. Масовните протести во Шпанија против недостапните станови покажуваат дека социјалната нееднаквост повеќе не може да се скрие зад берзанските индекси.

Слична шема гледам и во дел од европската реторика за Украина. „We stand with Ukraine“ звучи како недвосмислена морална определба. Но со што точно стоиме: со нејзините граѓани, со државниот опстанок, со политичкото раководство или со геополитичката цел да се истроши Русија? Русија ја започна инвазијата во 2022 година и тоа е недвосмислено кршење на меѓународното право. Но западниот политички и медиумски мејнстрим уште од првиот ден речиси механички го додаде зборот „unprovoked“, „неиспровоцирана“, како своевиден новоговор. Слично функционира и формулата „Путин = Хитлер“ – „Путлер“, како инфантилна новоговорна кованица, кога станува замена за аргумент. Со усвојувањето на ваквата реторика, преговорите станаа морално сомнителни, речиси рамни на капитулација, а компромисот — предавство. Неодамна на социјалните мрежи прочитав објава од еден „проукраински“ инфлуенсер, која ја открива премолчената геополитичка логика без еуфемизми: дополнителните милијарди за Украина се „исплатливи“ ако го намалуваат ризикот за Полска, бидејќи војната ја троши руската сила „без загуба на полски животи“. Слична логика изрази и Линдзи Грем во интервју за CBS од Киев во 2023 година, кога американската помош за Украина ја опиша како исклучително исплатлива, нагласувајќи дека САД не изгубиле ниту еден војник. Украинците не се резервна армија за туѓа безбедност. Украина има право на самоодбрана, а нејзините граѓани право да одлучуваат за својата иднина. Нивните животи не се евтина ставка во туѓи стратешки игри.

Во летото 2013 година, пред Мајдан и пред Крим, Галуп измери дека 29% од Украинците го гледале НАТО како закана, 17% како заштита, а најмногу, 44%, како ништо од двете. Затоа идејата дека „Украина сакала во НАТО“ е посложена отколку што се претставува. Во најновото истражување од 2026 година, дури 66% се за што поскоро преговарање за крај на војната, наспроти 24% што се за борба до победа. Најтешкото прашање е: што останува од земјата што наводно ја браниме? Поранешната портпаролка на Зеленски, Јулија Мендел, во текстот „Will Ukraine survive another 35 years?“ и во јавните настапи во септември 2026 година предупредува дека Украина не губи само територија и згради, туку жители, работна сила, семејства и перспектива. Нејзиниот опис на држава што полека се празни е драматичен и повикува на длабоко размислување. Според УНХЦР, милиони Украинци се бегалци надвор од земјата или раселени во неа, а проценката на Светската банка, ОН, ЕУ и украинската влада од февруари 2026 година утврдува потреби за обнова од речиси 588 милијарди долари. Киевската школа за економија проценува дека на почетокот на 2026 година на територијата под контрола на украинската влада живееле околу 29,4 милиони луѓе, а сценаријата до 2041 година предвидуваат натамошен пад. Држава без доволно луѓе, индустрија, енергетска мрежа, училишта и можност младите да се вратат може да го задржи знамето, а да ја изгуби материјалната основа на суверена иднина. Тезата за мирот не е морална, туку структурна. Еднополарниот момент заврши. Покрај Вашингтон, Москва и Пекинг имаат свои безбедносни интереси и свои црвени линии, и тие не исчезнуваат затоа што некому му пречат. Нивното именување не значи и одобрување. Но политика што ги игнорира, па потоа се чуди на судирот, не е принципиелна, туку наивна и опасна. Секој нов месец војување може да ја измени рамнотежата на силите, да уништи уште инфраструктура и да ја стесни преговарачката позиција на Украина. Постои и потешка опасност: Украина постепено да се претвори во „нефункционална“, „пропадната“ држава — failed state. Тоа не значи дека ќе исчезне од мапата, туку дека централната власт сè потешко обезбедува основни услуги, ги спроведува законите, ја одржува инфраструктурата и ја контролира употребата на сила. Кога вооружени групи или паралелни центри на моќ почнуваат да преземаат државни функции, кога граѓаните заминуваат, а институциите зависат од надворешни трансфери, суверенитетот може формално да остане признат, но неговата содржина да исчезне. Европа во меѓувреме не е единствена ни околу парите за таа иднина. За поддршката од 90 милијарди евра за 2026–2027 година беше употребена засилена соработка, при што Чешка, Унгарија и Словачка не презедоа финансиски обврски во рамките на инструментот. Слично е и со расправите за користење на замрзнатите руски средства. Во ноември 2026 година новите финансиски потреби на Киев повторно ги извадија на виделина поделбите околу тоа кој плаќа и дали помошта треба да се врзе со поширокиот буџет на Унијата. Уште поочигледен е дипломатскиот парадокс. Војната се води на европска територија, а нејзиниот исход ќе ја обликува европската безбедносна архитектура со децении. Сепак, европските претставници во Абу Даби останаа надвор од главната преговарачка маса, давајќи му можност на Лавров потсмешливо да им порача: „Нека си седат таму во хотелот.“ На 13 ноември 2026 година, по месеци расправи за тоа кој ќе зборува во европско име, лидерите во Даблин се договорија за колективна делегација: Франција, Германија, Италија, Полска и Велика Британија, со претставници на европските институции и НАТО. Таков формат внесува повеќе интереси, но ја ограничува флексибилноста што е неопходна за какви било преговори. Кој ќе смее да понуди компромис? Кој ќе ја понесе политичката одговорност? Што е заедничкиот минимум, а што црвена линија?

И кој има мандат да разговара за пошироките безбедносни односи меѓу Европа и Русија? Останува впечатокот дека иницијативата за преговори не е европска. Европска е паничната реакција. Цената на европската конфузија не ја плаќа само Украина, иако нејзините загуби не можат да се споредат со ничии други. Германската индустрија се соочува со долготрајни структурни проблеми: според минхенскиот институт за економски истражувања ifo, на крајот на 2025 година во неа имало околу 496.000 помалку вработени отколку на почетокот на 2019 година. Високите цени на енергијата, слабата побарувачка, кинеската конкуренција и кризата во автомобилскиот сектор имаат повеќе причини — не е сериозно сè да се припише на санкциите. Но геополитичката конфронтација има цена, а воените буџети повторно се претставуваат како неприкосновена нужност. Прашањето што Крис Хеџис го поставува во критиката на американскиот милитаризам важи и тука: кој заработува од растечките договори за вооружување и што се случува со здравството, образованието, домувањето и продуктивните инвестиции? Слабеењето на индустријата и сè поскапото домување ја нагризуваат социјалната доверба, а незадоволството се гледа и на улиците и на изборите. ЕУ сè уште е огромен економски пазар, финансиски донатор и регулаторна сила. Но влијанието не е само прашање на износот на дадени пари или бројот на санкциски пакети, туку и на способноста тие инструменти да се претворат во политички резултат. Оттука, прашањето не е кој најгласно ќе каже „Стоиме со Украина“, туку кој може да покаже пат кон мир што ја зачувува Украина како општество, а не само како симбол.

Кирил Арсов

Back to top button
Close