Трамп најави вето на законите на демократите: „Ќе им блокирам сè ако ја преземат контролата врз Конгресот“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека ќе стави вето на законските предлози на демократите доколку таа партија ја преземе контролата врз Конгресот во 2027 година.

Тој истакна дека можноста за претседателско вето би можела да послужи како почетна основа за постигнување компромис и усвојување заеднички законски решенија.

Говорејќи на прес-конференција во Белата куќа, Трамп го опиша претседателското право на вето како „исклучително моќно овластување“ и оцени дека неговата подготвеност да ги блокира законите на демократите би можела да ги натера да ги ублажат своите политички ставови и да соработуваат со републиканците.

„Тие ќе ми испраќаат предлози-закони, а јас ќе ставам вето на нив. Потоа ќе испраќаат нови предлози, а јас повторно ќе ставам вето. Така можеме да поминеме две години и еден месец, колку што ни преостанува“, изјави Трамп, пренесе Ројтерс.

Тој, сепак, оцени дека демократите би можеле да сфатат дека, наместо судири околу законските предлози, можно е да соработуваат со него за остварување на одредени политички цели.

„Благодарение на овластувањето за вето, постои реална можност да постигнеме многу добри работи“, истакна американскиот претседател.

Трамп рече дека повеќе демократски политичари го контактирале за да разговараат за реформата на здравствениот систем и имиграциската политика, посочувајќи дека здравствената заштита би можела да биде област во која двете партии ќе најдат заеднички јазик.

„Отворен сум за квалитетно решение во областа на здравствената заштита. Можеби нема да биде точно онака како што тие сакаат, но може да претставува комбинација од она што сите го посакуваме, за на крајот да добиеме добар здравствен систем во нашата земја“, изјави Трамп.

Back to top button
Close