Кремљ повторно ја повика Ерменија да „избере“ помеѓу европските аспирации и членството во Евроазиската економска унија

Кремљ повторно ја повика Ерменија „да направи избор“ помеѓу своите аспирации за пристапување кон Европската Унија и останувањето во рамките на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), предводена од Русија.
– Ерменската страна мора да направи избор. Желбата да се седи на две столици во економска смисла мора во одреден момент или да се потврди, или да се отфрли во полза на јасен избор помеѓу ЕУ и Евроазиската економска унија, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Тој додаде дека изборот на Ерменија ќе биде главна тема на претстојната средба на ерменскиот премиер Никол Пашинјан со рускиот претседател Владимир Путин, што ќе се одржи на 3 декември.
Пашинијан овој месец најави дека Ерменија официјално ќе поднесе барање за членство во ЕУ до крајот на 2028 година.
На средбата во Москва, Путин и Пашинијан ќе разговараат и за иднината на руската воена база во Ерменија, која е значаен симбол на руското воено влијание во Јужен Кавказ.
– Базата, која се наоѓа во североисточниот град Ѓумри, близу границата на Ерменија со Турција, претставува важен елемент за безбедноста и стабилноста во регионот, наведе Песков.
Во септември Путин изјави дека Москва е подготвена да го повлече персоналот од базата „дури и утре“. Русија има право да одржува воено присуство во базата до 2044 година, освен ако Ерменија не одлучи дека повеќе нема потреба од руска воена помош
Односите помеѓу Москва и Ереван се влошија откога Ерменија претрпе пораз во војната против Азербејџан во 2020 година, а потоа, во 2023 година, целосно ја изгуби енклавата Нагорно-Карабах. Ерменија за тоа ја обвини својата сојузничка, Русија, дека не успеала да ја заштити и почна да бара поблиски врски со ЕУ. Тензиите дополнително се зголемија откога Ерменија покажа аспирации за членство во ЕУ. Пред парламентарните избори во Ерменија, што се одржаа во јули, Русија воведе трговски рестрикции за Ереван, меѓу кои и забрана за увоз на низа производи. Ерменија во голема мера е зависна од увозот од Русија, првенствено во енергетскиот сектор. Русија минатата година учествуваше со околу 35 проценти во вкупната надворешна трговија на Ерменија.






