Бразилски Палмеирас го освои Копа Либертадорес

Фудбалерите на бразилски Палмеирас ја освоија титулата во јужноамериканскиот Копа Либертадорес, пандан на европската Лига на шампиони, совладувајќи го синоќа во финалето во Монтевидео аргентински Естудијантес со 1-0.
Победничкиот гол го постигна Рамон Соса во 52-та минута.
За Палмеирас, ова е четврта титула во Копа Либертадорес, по 1999, 2020 и 2021 година. Минатата година, Палмеирас стигна до финалето во кое загуби од Фламенго.
Естудијантес, од друга страна, остана на четири титули, од која последната ја освои во 2009 година, додека првите три ги освоија кон крајот на 60-те и почетокот на 70-те години од минатиот век.
Палмеирас со триумфот ја продолжи доминацијата на бразилските клубови во најсилното јужноамериканско клупско натпреварување. Ова е осма година по ред шампионот да доаѓа од Бразил.






