Африм Гаши денес оствари средба со Нуман Куртулмуш, претседателот на Големото национално собрание на Туркије

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, кој претстојува во возвратна официјална посета на земјава со група пратеници. На средбата присуствуваа пратениците: Бејџан Иљас, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Туркије, Никола Мицевски, Фатмир Битиќи, Мевмед Џафери и Мерита Колчи Коџаџику, членови на Групата и генералната секретарка, Марина Димовска.

Претседателот Африм Гаши изрази задоволство од реализирањето на возвратната посета на претседателот Нуман Куртулмуш, која се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во земјава. Тој нагласи дека турската зедница е консткруктивен дел од општественото ткиво на Република Северна Македонија и клучен фактор за соживотот во земјата.

Претседателот на Собранието нагласи дека Република Северна Македонија и Република Туркије негуваат силно традиционално пријателство и партнерство. Тој изрази уверување дека средбите меѓу пратениците од двете собранија во голема мера може да придонесат за натамошно унапредување на одличните билатерални односи. Гаши нагласи дека Туркије е меѓу првите држави која ја признаа нашата земја и прва која отвори амбасада и назначи амбасадор во Скопје. Гаши се осврна и на економската соработка меѓу двете земји, при што посочи дека Република Туркије е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и континуирано инвестира во нашата економија.

Куртулмуш, пак, изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете држави и нагласи дека се поврзани од историско и длабоко вкоренето пријателство. Тој рече дека Туркије силно ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија и изрази надеж дека двете земји заеднички ќе го заокружат овој процес.

За економската соработка меѓу двете земји, Куртулмуш ја нагласи трговската размена и присуството на турските компании во земјата, особено во инфраструктурните проекти. Соговорниците се осврнаа на потребата за ревидирање и надградба на билатералниот „Договор за слободна трговија“ меѓу двете земји, во насока на поголема либерализација на трговските производи. Истовремено, нагласија дека постојат големи можности за натамошно унапредување на меѓусебната соработка во полето на културата, образованието, туризмот и други области од заеднички интерес.

Двајцата се согласија дека високо ја вреднуваат успешната соработка во рамките на НАТО и заедничкото учество во мировни операции, како и воената соработка меѓу двете земји, а пред сè во областа на воената обука и едукација и донациите на опрема за потребите на нашата Армија.

Претседателите на две собранија разменија мислења и за актуелните случувања во регионот и во светот и се осврнаа и кон потребата за мир, безбедност и стабилност.

 

Back to top button
Close