Ал Шара: Сирија се стреми кон безбедносен договор со Израел
Претседателот на Сирија, Ахмед ал Шара во вчерашното интервју за катарска телевизија Ал Џазира изјави дека Дамаск се стреми да постигне да постигне безбедносен договор со Израел

Според него, таквиот договор би можел да го отвори патот за сеопфатен мир помеѓу двете земји без да се наруши правото на Сирија врз Голанска Висорамнина, територија што Израел ја зазеде од Сирија за време на Шестдневната војна во 1967 година и ја анектираше во 1981 година.
Ал Шара посочи дека Сирија се обидува да ангажира широка група држави за да извршат притисок врз Израел за „поизбалансирана политика“ кон Сирија.
– Избегнуваме конфронтација, истакна ал Шара.
По соборувањето на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад во декември 2024 година, израелските трупи навлегоа во Сирија и зазедоа стратешка територија. Израелските сили навлегоа во демилитаризираната зона на сириска територија, каде извршуваат напади, а исто така интервенираа во операции за заштита на етничкото малцинство Друзи во југозападна Сирија.
Ал Шара наведе и дека неговата влада „не размислува за воена интервенција“ во Либан. Либанската шиитска група Хезболах, поддржана од Иран, и ал Шара се бореа на спротивставени страни во сириската граѓанска војна. Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал со ал Шара за борбата против Хезболах.





