Американски судија ја отфрли тужбата на Трамп за 10 милијарди долари против „Волстрит журнал“
Американски судија отфрли случај против издавачот на „Волстрит журнал“ поради сторија за врските што американскиот претседател Доналд Трамп ги имал со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, пишува Би-би-си.

Трамп го тужеше американскиот весник и неговите сопственици во федералниот суд во Флорида минатото лето, барајќи отштета од најмалку 10 милијарди долари.
Претседателот тврдеше дека весникот го клеветел објавувајќи извештај за честитка наводно со неговото име испратена до покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епсти.
Адвокатот на Трамп во изјава за Би-би-си вели дека претседателот повторно ќе ја поднесе тужбата.
Окружниот судија на САД, Дарин Гејлс, рече дека Трамп „ни блиску“ не дошол до тоа да покаже дека „Волстрит журнал“ дејствувал со вистинска злоба кон него.
Случајот, како што се додава во написот на Би-би-си е отфрлен без предрасуди, иако на Трамп ќе му биде дозволено да поднесе нова, изменета тужба. Тој има рок до 27 април да го стори тоа.
Адвокатот на Трамп рече дека претседателот ќе „продолжи да ги смета за одговорни оние кои користат лажни вести за да го доведат во заблуда американскиот народ“.
Стандардот за „вистинска злоба“ во случаите на клевета е дека тужителот мора да докаже дека јавната изјава била лажна и дека новинската организација или поединецот што ја дал изјавата знаел или требало да знае дека е лажна или дејствувал со неодговорно игнорирање на нејзината лажност.
Во пресудата, Гејлс вели дека морал да ја отфрли тужбата бидејќи Трамп „не тврдел веродостојно дека обвинетите ја објавиле статијата со вистинска злоба“.






