Анатомија на лагата

Ниедно дејство, свесно поттикнувано и хушкано, не кулминира преку ноќ. И за едно лепче да се замеси и испече, треба да се почека прво да нарасне квасецот. Анатомијата на насилството во Вашингтон, колку и да изгледа изненадувачка, во основа е след на сѐ што претходеше во изминатите години, особено за време на изборите и по поразот на Доналд Трамп.

Квасецот нарасна и се прелеваше многупати, па „изненаденоста“ од настаните во Капитол денес е резултат на навиката да се очекуваат слики од спречување мирна транзиција на власта, исклучиво во држави потонати во аномија, транзициски и земји од третиот свет.

Ние, за жал, имаме многу горко искуство со тоа. Многумина веруваа дека ако светот не го обиколија слики од раскрвавените глави на Заев, Села и други пратеници, дека сè ќе поминело без врева, без истрага, обвиненија, казни… И за жал, дел сè уште веруваат дека тоа бил изблик на демократија, а не на тешко насилство врз храмот на демократијата.

Тоа е една латентна метастаза, што еден ден повторно може да избие на површина, со нова злоупотреба на изманипулирани граѓани, искористени како штит за очајни политичари што не можат да се замислат без власт.

Тој што ја изолираше земјава од светот, тој што ги убедуваше Македонците да не седат дома во влечки, туку да излезат и да ја земат судбината во своите раце, одамна си седи во влечки во топла соба во Будимпешта, бесрамно се огласува преку Фејсбук и соли памет за разни теми. Тој и надлежните во МВР, кои не направија ништо за да го спречат, туку да го овозможат упадот во парламентот, ја носат најголемата вина за 27 април.

Ни нашава, ниту која било друга држава нема да стане величествена преку ширење лаги, теории на заговор и хушкање на граѓаните за насилство врз државните институции. Човекот што влезе во Белата куќа на крилата на популизмот и пораката „Да ја направиме Америка повторно величествена“, крајот на мандатот го дочекува на најмизерен можен начин.

Насилството во Конгресот е кулминација на политиката на игнорирање на фактите, на ширењето лажни вести за сè и сешто – од потценување на опасноста од короната, преку вперување прст во 5Г, до негирање на изборните резултати и ширењето лажни вести за изборна измама.

Кога сѐ ќе се сумира, за тоа не може да биде виновен единствено Трамп, без оглед колку повици и напори вложи за да ги мобилизира граѓаните да му ја одбранат власта.

Ако „најмрачните места на пеколот се резервирани за тие што држат неутралност во кризни времиња“ (Данте Алигиери), тогаш во пеколот место си имаат резервирано и сите социјални мрежи, каде што беше дозволено, неспречено или недоволно спречено да се создаде пандемија од лажни вести за изборни нерегуларности и други теми.

Тоа што дел од мрежите вчера краткорочно ги блокираа профилите на Трамп, е задоцнето контролирање на штетата, не толку заради американското општество, колку заради имиџот на овие компании, кои допрва ќе се соочат со разорните ефекти од доминантното мижење пред дезинформациите.

Целата колумна на Катерина Блажевска на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close