Ангеловска-Бежоска: Повисок економски раст е можен преку структурни реформи и трговска и финансиска интеграција

Побрз и одржлив економски раст на земјава е можен, доколку се зголеми потенцијалот за раст, а тоа може да се постигне само преку структурни политики со кои позитивно ќе се делува на трите фактори од кои зависи долгорочниот раст – трудот, физичкиот обем на капитал и продуктивноста, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Капитал“.

Според неа независно од предизвиците поврзани со пандемијата, не треба да се остават структурните реформи настрана, односно процесот на отстранување на структурните пречки мора да се одвива непрекинато.

– Според последните расположливи податоци, нашата продуктивност е само околу 44 отсто од европската, обемот на физички капитал само околу една третина од европскиот, а има и тренд на опаѓање на прирастот на работната сила. Овие бројки јасно говорат каде треба да се насочат напорите на носителите на политиките, вели гувернерката.

Бежоска посочува дека корона-кризата уште повеќе ги нагласила старите, а открила и нови структурни проблеми со што се довела во прашање одржливоста на одредени бизнис-модели во постпандемискиот период, како и потребата од преквалификација на работната сила, промени на професионалните профили на пазарот на трудот со нови „професии на иднината“, а сето тоа во контекст и на забрзаната дигитализација.

Гувернерката смета дека малите економии, како нашата, не можат да растат брзо без поголема трговска и финансиска интеграција. Затоа порачува дека особено е важен понатамошен влез на мултинационални компании кои како што вели ќе придонесат за зголемување на извозниот потенцијал, ќе ја подобрат извозната структура, како и продуктивноста и компетитивноста.

– Во овој контекст неопходно е и посилно поврзување на странските со домашните компании, заради зголемување на позитивните преносни ефекти врз вкупната економија. Битен предуслов за поголема интеграција секако се јавните инвестиции насочени кон подобрувања на економската, социјалната и дигиталната инфраструктура. На овој начин ќе може да се обезбеди не само повисок, туку и поквалитетен раст поттикнат од технолошки софистицирани и иновативни сектори, оценува Бежоска.

Back to top button
Close