Апасиев бара отворање на македонски конзулат во Корча
Барајќи отворање на македонски конзулат во Корча, Апасиев се осврна кон состојбата со македонското малцинство во Албанија.
– Македонското малцинство е признато како едно од деветте малцинства во Албанија. Биле осум малцинства, но од октомври 2017 година, под влијание на бугарската агресивна надворешна политика, станале девет. Замислете, 100 години немало никакви Бугари на 11 пописи во Албанија и наеднаш на пописот во 2023 година, под надворешен притисок, има 8000 Бугари скоро и 2500 Македонци само.
Според Апасиев, бугарската политика во Албанија стратешки делува за разлика од македонската.
– Како работи бугарската агенда? Им нудат бесплатни екскурзии, стипендии за децата, фондации и грантови, бугарски пасоши (тоа е веќе бизнис), бесплатни медицински прегледи, реновираат училишта и центри за млади. Наспроти ова, нашите возвраќаат со еден весник што го печатат на четири старовремски листови. Ете, толку е нашата стратегија за нив. Го прашав амбасадорот, со колку буџет располагаат, тој рече дека добиваат 180 евра месечно. Со 180 евра не можете сала да изнајмите! Наспроти оваа бугарска пропаганда, ние се спротивставуваме со овие бројки што ги кажав – образложи претседателот и лидер на опозицијата во Македонија, Димитар Апасиев.
Тој истакна дека во Албанија им се заглавени околу 300 барања за државјанство на Македонците, коишто се стари повеќе од 10 години и се наоѓаат во МВР.
– За разлика, од Законот за државјанства каде што на Косовари, ,,ние” измисливме да им даваме државјанство со фискална сметка од ,,Сити мол”, на нашинциве во Албанија, државјанствата им се заглавени со години – рече лидерот на Левица.
Апасиев додаде дека во Корча има грчки конзулат, затоа што тоа Грците си го сметаат за северен Епир.