АСОМ за законот за игри на среќа: Се затвораат легалните компании за да се богатат поединци од власта!

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагира на Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри и бара истиот веднаш да се стопира и да не се проследува до Собранието. Донесувањето на ваков закон е ништо друго туку обид за затворање на легалните приредувачи на игри на среќа, монополизација на оваа гранка од страна на власта и поединци кои од тоа имаат голема корист и отворање на нелегалното обложување по примерот на Албанија.

 

Ние сме во шок од нетранспарентноста со која се турка овој закон. Без објава на ЕНЕР и без консултација со нас како легитимни претставници на 95% од пазарот, на 12 мај 2026 година Владата едноставно го усвои новиот предлог-закон на владина седница.

Овој шверцерски пристап докажува дека целта не е суштинска регулација, туку насилно протнување на закон со скриена агенда. Игнорирањето на експертската јавност која алармира за огромни ризици по граѓаните од носење на законот е политичко насилство врз легалните компании.

Јавноста мора да знае што е вистината за овој закон и кои ќе бидат реалните ефекти од евентуалното негово носење.

 

– Advertisements –

 

Со овој предлог-закон се затвораат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Овој закон значи уништување на целата легална индустрија.

Со уривањето на легалната индустрија, Владата свесно ја отвора вратата за нелегалното обложување. Затворањето на регулираните објекти нема да ја намали желбата за игра, туку само ќе ја префрли во темните подруми и на нелегалните онлајн платформи кои се надвор од секаква институционална контрола. Наместо заштита, граѓаните ќе бидат турнати во рацете на криминалното подземје.

 

Додека државниот буџет ќе изгуби над 280 милиони евра годишно легални приходи, пари кои ќе завршуваат во џебовите на мафијата. Во такви нерегулирани услови, малолетниците ќе бидат најизложени на ризик, бидејќи за разлика од легалните приредувачи, кои строго ја контролираат возраста, црниот пазар не познава ниту правила ниту етика. Ова е закон кој не го штити општеството, туку го криминализира!

Прашуваме, дали е ова една од скриените цели? Зошто државата не учи од примерите во соседството како Албанија каде токму тоа се случи или пак намерно се креира вакво сценарио? Во Албанија за кратко време се отворија многу нелегални објекти за игри на среќа, порасна криминалот, а играчите се ставија во ризик. Дали ова го сака државата?

 

Понатаму, факт е дека никаде во светот ваков закон не постои, ниту има докази дека тоа ќе значи некаква заштита за малолетниците. Индустријата е целосно регулирана и тие не смеат да играат и не играат во објектите. Сите наши членки целосно ги спроведуваат одредбите за заштита на малолетниците и затоа ова е најголемата манипулација од страна на Владата.

 

Законот предвидува енормни, астрономски давачки кои се целосно спротивни на секоја пазарна економска логика. Јасно е како ден дека тие се дизајнирани со една единствена цел – финансиско исцрпување и банкрот на приредувачите. Ако власта се надева дека на овој начин ќе успее да го наполни буџетот многу се лаже. Законот ќе предизвика затворање на објектите, а приходот на државата драматично ќе се намали или целосно ќе се изгуби.

 

АСОМ остро се спротивставува на предложената законска измена со која се монополизира приредувањето на игри на среќа преку интернет и со која исклучиво право за нивно приредување ѝ се доделува на државата.

 

Државата јасно и недвосмислено воспоставува монопол врз приредувањето на игри на среќа преку интернет, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи, кои нема да можат да добијат право да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет.

Дали целта на законот е всушност државата и поединци да се богатат на сметка на затворање на објектите? Дали ова е закон од интерес, а не наводна заштита на граѓаните?

 

Покрај крајно монополистичките тенденции на Владата, оваа одредба е спротивна на наводните заложби дека интернет обложувањето ќе биде целосно спречено. Тоа не се спречува, туку сега ќе си го контролира само Владата и нивните претставници, на сметка на приватниот сектор.

Принудната дислокација на нашите објекти, забраната за приредување игри на среќа на интернет за лиценцираните приредувачи, неоснованото зголемување на давачките и надоместоците, како и одредбите што директно навлегуваат во правната сигурност на веќе издадени лиценци ќе значат практично затворање на легалната индустрија.

 

Со загрозување на работните места на десетици наши сограѓани, власта поттикнува нивно иселување од земјата. Затворањето на легалната индустрија ќе значи и силен удар и крах на пазарот на недвижности, каде повеќе од 800 објекти ќе останат празни, а сега се под закуп.

И сè ова ќе се случи, а граѓаните нема да бидат заштитени, напротив, ќе бидат во ризик да играат во диви казина и обложувалници, криминалот значително ќе порасне, а безбедноста на играчите ќе биде загрозена. Ова како Асоцијација нема да го дозволиме.

Ја информираме јавноста дека АСОМ со сите расположливи капацитети и ресурси ќе се бори против штетниот закон кој ги става граѓаните во ризик и уништува легална индустрија на сметка на нелегалната.

Не исклучуваме и масовни протести ако Владата не покаже слух и не го повлече законот за заеднички да седнеме на маса и донесеме функционален и европски закон, нешто што АСОМ со години го бара.

За крај прашуваме јавно:

Дали целта е да се отвори пат за нелегалниот бизнис од кој страдаше државата во минатото?

Дали целта е да се монополизира индустријата од страна на поединци во Владата на сметка на приватниот сектор, со што ќе страдаат илјадници вработени?

 

Дали Владата знае и е свесна дека законот во оваа форма нема да ги заштити граѓаните, туку ги става во ризик?

За крај, прашањето е кој има интерес од ваквиот закон, кој еднаш беше отфрлен како штетен и погубен, и зошто се повторуваат рестриктивните практики кои никаде во светот не се покажале како успешни.

Back to top button
Close