Јавни пари за јавен добробит

За начинот на користење на јавните, буџетски средства, јавноста, за жал, знае многу малку. Можеби поради фактот што власта настапува нетранспарентно или едноставно, не смета дека за користењето на нашите средства треба да има некаква отчетност и одговорност. Тој однос го гледаме над 20 години и наликува на аматерско управување со јавните пари по принципот „миле ми текна“, а не врз база на стратешко и наменско планирање.

Токму ваквиот однос го гледам во два примера, а верувам има многу надвор од доменот во кој професионално делувам. Едниот пример е поврзан со финансиите за заштита на животната средина кои секако, влегуваат по основ на различни еколошки такси во државната каса, но од таму излегуваат за не знаеме што. Проценките од достапните податоци велат дека над 4 милиони евра секоја година се прибираат токму од еко-таксите кои ние како граѓани и бизнис секторот ги плаќа. Велам од достапните податоци, затоа што сум сигурна дека има и податоци кои нам, на граѓаните не ни се достапни поради лавиринтот на системот, а  најверојатно ни самото Министерство за финансии не знае каде им завршиле некои давачки. Поголемиот дел од овие средства некако мистериозно го губат трагот па така надлежните институции велат дека околу половина од овие средства завршиле во секторот во кој биле наменети – заштита на животната средина. А другата половина, за жал не знаеме каде се. Кога ќе помислам на сите оние мегаломански „инвестиции“ во проектот „Скопје 2014“ кои буквално изедоа милионски суми, се прашувам дали ги „јадеа“ и парите кои ги плаќавме за екологија? Сигурно.

Овие средства кои така флуидно можат да се преместуваат каде ќе ѝ текне на власта се супер слатки пари бидејќи истите не се фиксираат за одредени трошоци за намената за која биле и собрани. Колку паметно!

Истовремено, сите ние секоја година гледаме како состојбата со нашиот воздух, вода, почва и природа се влошува. Немаме систем за рециклирање на отпадот веќе цели 20 години. Мини депонии насекаде, дури и во недопрената природа. Јавните установи се греат на отпадно масло загадувајќи го воздухот кој наводно го „чистиме“ со субвенциите за велосипеди. Филтер на најголемиот загадувач не може да се постави, немало пари. Реките се обоија со сите бои на виножитото и притоа никој не заработи казна.

Каде се невладините нешто да направат, сè е уништено! – реагира јавноста.

А каде ни е власта? Си собира пари по основ еко такси и се крие без грам одговорност за состојбата.

И така секоја година.

Ме мачи едно прашање – што треба да се случи за власта да почне да ги двои средствата за екологија и да ги троши за таа намена? Каде лежи проблемот – во корупцијата или во неспособноста? Но, каде и да лежи, тешко ни се пишува.

Со години слушаме дека Владата ќе формира Фонд за животна средина, каде ќе ги собере сите овие такси и донаторски средства и систематски ќе се посвети кон остварување на приоритетите од област на животната средина. Одлично! Но кога ќе почнеме?

Другиот пример за кој размислувам долго време е наплатата на средства од граѓаните преку нивните сметки за електрична енергија и  користењето на дел од нив за субвенционирање на обновливи извори на енергија. Има ли некој кој знае колку пари всушност секој месец, одат на пример, за поддршка на ветерна енергија? Би знаеле секако, доколку ова транспарентно го пишува на сметката. Ама, за жал тоа не е случај. Индиректно, ако нè интересира, можеме да дознаеме колку вкупно субвенции одат за сите производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Во 2018, цели 35 милиони евра се доделиле како субвенции, а од нив, дури 15 милиони за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали.

Од една страна, граѓаните не знаат за што плаќаат, а од друга страна немаат ни право на избор. Еве, јас би сакала целиот износ кој ми го зема државата да го дадам за поддршка на соларни централи. Не сакам моите пари да завршуваат во џебот на неколку познати бизнисмени кои енергетиката ја гледаат како начин за брзо збогатување, притоа не почитувајќи закони и уништувајќи и тоа малку недопрена природа што ни остана. Не сакам со моите пари да се стимулира штетна и застарена технологија како што се малите хидроцентрали.

Но, кој ме прашува…

Заклучокот од двата примера е – граѓаните плаќаат за заштита на животната средина, но власта ја избегнува својата должност. Од една страна, средствата ги троши ненаменски, од друга страна не ги исполнува зацртаните приоритети за унапредување на животната средина. Граѓаните, ем плаќаат, ем живеат полошо –  во загадена средина и со влошено здравје.

Има ли чаре?

Јавните пари мора да одат за јавна добробит, нема друга алтернатива. И кога јавноста бара користење на нивните средства за општо добро, власта мора да одговори. Но „општо добро“ не е во популизам, туку политики кои на долг рок носат придобивки во животот и здравјето на луѓето.  Да се слушне гласот на граѓаните е одлика на високо-развиените општества кон кои се стремиме.  Само на тој начин и ќе успееме да се придвижиме кон подобар животен стандард и да изградиме држава во која јавноста се почитува вистински, не само декларативно.

Искрено ве повикувам да ја поддржете кампањата на Еко-свест. потпишете ја петицијата за стоп на субвенциите за малите хидроцентрали. Побарајте транспарентни сметки за електрична енергија.

Линк до петицијата на Еко-свест: https://www.change.org/p/north-macedonia-%D1%83%D0%BA%D0%B8%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%83%D0%B1%D0%B2%D0%B5%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B7%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D1%85%D0%B8%D0%B4%D1%80%D0%BE%D1%86%D0%B5%D0%BD%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BB%D0%B8?fbclid=IwAR10Iu1pUd6-3Wde7hNdbIPYb6DKQPzrYckFZlj57LAy4TUJJ0JSD9IjV38

Ана Чоловиќ – Лешоска

Извршна директорка на Еко-свест Скопје

 

 

 

Back to top button
Close