Бајден: Доаѓа ера на големи политички промени

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден предупреди на ера на значајни политички промени на неговиот последен состанок со клучните сојузници на Азиско-пацифичкиот самит што се одржува во сенка на враќањето на Доналд Трамп на власт.

„Дојдовме до момент на значајни политички промени“, рече Џо Бајден за време на состанокот со лидерите на Јапонија и Јужна Кореја во Лима, додавајќи, сепак, дека нивниот трипартитен сојуз е изграден да трае.

На маргините на самитот на АПЕК во Лима, Бајден првпат се сретна со јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба, кој ја презеде функцијата во октомври.

Бајден и лидерите на Јапонија и Јужна Кореја се обидоа да го зацврстат својот дипломатски напредок пред новата администрација на Трамп за која многумина стравуваат дека може да ги уништи сојузите ширум светот.

Состанокот меѓу Вашингтон и неговите најблиски азиски сојузници доаѓа во време на очекувања за ескалација на конфротациите помеѓу САД и Пекинг по инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари, со оглед на неговите ветувања за зголемување на царините што може да и наштетат на кинеската економија.

Распоредувањето на трупи на Северна Кореја во Русија за поддршка на таа земја во нејзината војна против Украина, како и севернокорејската програма за нуклеарно оружје и намалените изгледи за мирно решение на повеќедеценискиот конфликт со Јужна Кореја, исто така, предизвикуваат зголемени тензии во Азија.

Во заедничката изјава, САД, Јапонија и Јужна Кореја нагласија дека остро ја осудуваат одлуката на севернокорејските и руските лидери опасно да ја прошират војната во Украина.

Back to top button
Close