Бајковит хуманитарен концерт на Сара Мејс во Велес
Сара Мејс заедно со девојките одржи Божиќен концерт што се одржа сношти (10 јануари) во распродадената сала на Велешкиот театар. Со изведба на Божиќни песни, под музичка придружба на Камерниот оркестар од Битола, тие ја донесоа магијата на празничната атмосфера.
„Вообичаено за Божик, семејството се собира дома, за да го одбележи овој голем христијански празник. Ви благодарам што нѐ примивте како дел од семејството и со оваа музичка вечер, да донесеме убави и пријатни емоции”, истакна Сара на почетокот на концертот кој траеше час и половина.
Публиката уживаше во изведбите на хитови како оние на Мараја Кери и дуото „Wham!”, како и во традиционалните новогодишни песни, меѓу кои и „Jingle Bells”, која изведена во а капела верзија ја крена публиката на нозе. Посебна енергија донесоа и македонските божиќни песни „Вечниот Бог” и „Небо и земја”, украинската „Шчедрик”, како и специјалната изведба на Сара Мејс на харфа со нејзината композиција „Псалм 150″.
Концертот беше збогатен со поп хитови, а заврши со веселите „Њујорк, Њујорк”, „Feliz Navidad”, „Елко, елко” и „Среќна Нова година” – оригиналната песна на Сара Мејс. Публиката, воодушевена од настапот, не дозволи изведувачите да ја напуштат сцената без бис, па тие се вратија уште два пати, поздравени со громогласен аплауз.
Овој концерт, организиран со поддршка од Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот” и Општинската организација на Црвениот Крст Велес, имаше хуманитарен карактер – сите средства од продадените билети ќе бидат донирани за набавка на опрема за Детското одделение во Општата болница Велес.