Беџети: Надлежните органи треба да знаат каде е Груби
Во интервју за Радио Слободна Европа, Блерим Беџети беше прашан за неговите познавања на ситуацијата и локацијата на Артан Груби, организацискиот секретар на ДУИ. Тој рече дека не разговарал со него, ниту пак дека знае каде е:
Поминаа речиси три месеци од бегството на Артан Груби. Кој е вашиот личен став, дали требаше Груби да избега?
Не е само личен став, туку и партиски став е, секој што згрешил пред законот треба да одговара пред органите. Но, имајќи предвид дека дотичниот господин не е веќе дел од структурите и партијата, тоа веќе е негово лично.
Дали вие сте контактирале со него?
Не.
А знаете каде се наоѓа?
Не сум имал комуникација, ни претходно, ни после случајот, реално тоа треба да го знаат надлежните органи.
Неодамна премиерот Мицкоски зборуваше за поранешниот премиер Никола Груевски дека се среќавал со ваши функционери во Будимпешта. Имате ли информација кои од вашите сопартијци се среќавал со Груевски?
Секогаш кога има чувствителни теми, премиерот се труди со некои конспиративни тези да се занимава. Поранешниот премиер Никола Груевски, е и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и многу негови соработници денес ги има и во Собранието, и во локалната власт, и во Владата итн. За тоа со кого се среќавал Груевски најдобро знаат во ВМРО-ДПМНЕ. Ние нити имаме информација со кого се среќава, нити сме обврзани да знаеме.