Белата куќа ја повика Кина да ги почитува човековите права

Белата куќа го повика Пекинг да ги почитува човековите права, да ги исполни своите обврски кон Хонг Конг и да стави крај на прогонот на етничките и верски малцинства, во изјавата што ја лиферува по повод 31-годишнината од крвавото задушување на продемократскиот бунт на плоштадот Тијананмен.

„Кинеската комунистичка партија уби невооружени кинески цивили, што е трагедија што нема да се заборави“, соопшти Белата куќа.

Белата куќа, понатаму, ја повика кинеската Влада да ги исполни своите обврски од Универзалната декларација за човекови права и Кинеско-британската декларација со која се уредува статусот на Хонг Конг, и „да ги почитува правата и слободите загарантирани за сите кинески граѓани според кинескиот Устав и да престане со систематскиот прогон кон милиони етнички групи и религиозни малцинства “.

Годишнината на задушувањето на продемократските протести од 1989 година се совпаднаа со протестите против расизмот и полициската бруталност што избувнаа низ САД. Тие беа поттикнати од убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен во Минеаполис од бел полицаец за време на неговото апсење, иако уапсениот не даваше отпор.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека на масовните протести ќе одговори со војската, велејќи дека може да испрати трупи во оние држави кои не успеале да ги контролираат повремените насилни протести.

„Американскиот народ стои заедно со сите кинески граѓани во остварувањето на основните права, вклучително и правото на одговорно и претставничко управување и слобода на говор, собрание и религија“, соопшти Белата куќа.

Back to top button
Close