Белата куќа окована во коронавирус – политичка катастрофа за републиканците и Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, првата дама Меланија и една советничка со позитивни резултати на тест за коронавирус; Белата куќа во режим на маски; претседателот хоспитализиран во државната воена болница.

Ова се некои од насловите на американските национални медиуми од последното деноноќие, турбо случувања во Вашингтон.

Илузијата на десничарските пропагандисти и медиуми дека коронавирусот е „сезонски грип“, „ќе пројде со топлото време“, или дека Ковид-19 е „заговор на научниците и либералите кои паничат поради некакви климатски промени“, е разбиена. Се удри од главите на Трамп и кругот негови најблиски соработници, откако самите ја увидоа реалноста – од коронавирус може да заболи дури и претседателот на САД, исто како многу други светски државници.

Америка со загриженост гледа на здравјето на Трамп, бидејќи претседателот има 74 години и страда од дебелина. Коронавирусот кај претседателот, ја фрли земјата во конфузија и метеж, оцени Си Ен Ен.

Според статистиката, од речиси 210.000 илјади починати од вирусот во САД, девет од 10 лица се на возраст од над 64 години. Изднието Венити феар пишува дека кај Трамп се појавиле температура и кашлица.

Болеста е откриена и во најблискиот круг на претседателот. Најпрвин станало јасно дека заразена е неговата советничка, Хоуп Хикс, која била во тимот на претседателот за време на дебатата во Кливленд, а и на митингот во Минесота. Притоа, пренесуваат медимумите, Трамп знаел за тоа, но се уште ја водел кампањата. Потоа, се дозна дека позитивен е и Бил Степиен, главниот менаџер на кампањата, како и Келијан Конвеј, поранешна советничка во Белата куќа.

Крис Валес, модератор на првата дебата меѓу Трамп и Џо Бајден (демократски кандидат за претседател на САД), изјави дека во подготовка на дебатата целиот тим на претседателот не носел маски.

Сепак, резултатот од тестот за коронавирус кај Бајден е негативен. Тој синоќа на Трамп му посака „да оздрави што побргу“ и вети дека ќе се моли за здравјето на претседателот и на неговото семејство. Покрај Бајден, се тестираа и потпретседателот Мајк Пенс и други високи официјални лица, кај сите резултатот е негативен.

Личниот доктор на Трамп, Шон Конли, кажа дека претседателот и првата дама се чувствуваат добро. Трамп има намера да ги врши своите работа од резиденцијата, но потоа се дозна дека тој бил хоспитализиран во државната воена болница „Валтер Рид“ во Вашингтон, каде треба да помине низа испитувања и дека во наредните денови тој ќе работи од специјален апартман, со прилагодена канцеларија, во воената болница.

Во меѓувреме, кругот на заболени републиканци се шири

Тестот е позитивен кај републиканските сенатори Том Тилс од Северна Каролина, и Мајк Ли од Јута, двајцата членови на клучниот Комитет за правда, откако минатата недела присуствувале на неколку настани во Белата куќа поврзани со номинацијата на Ејми Кони Барет за нова судијка на Врховниот суд. Потврдувањето на судијката сега виси на конец.

По веста дека претседателот е заразен, тргувањата на берзите во САД, вклучително и на S&P 500, главната берза која тргува со најкрупните по капитализација американски компании, паднаа на повеќе од 1.5 отсто.

До претседателските избори во САД остануваат уште 31 ден

Њујорк тајмс пишува дека заразеноста на Трамп ја „преврте ничкум претседателската трка“, поставувајќи серизни прашање околу „надмениот однос“ кон Ковид-19 епидимијата. Официјално лице од Белата куќа за весникот изјави дека непромисленоста на Трамп донесе „политичка катастрофа“.

Во досегашните резултати од националните анкети Трамп и онака беше зад Бајден, а неговата позиција сега може само да се влоши. – Политичката судбина на Трамп ќе зависи од тежината на неговата болест, заклучува весникот.

Некои експерти велат дека заразата „ги помешала“ картите на Републиканската партија и на самиот претседател, бидејќи тој сега нема да може да одржува средби со своите поддржувачи и донатори.

Следните дебати меѓу Трамп и Бајден се закажани за 15 октомври и 22 октомври и засега е неизвесно дали ќе се одржат или ќе бидат организирани во друг формат.

Back to top button
Close