Билатерална вежба со Војската на Црна Гора, артилериско гаѓање на АП Криволак

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменикот на министерот на одбрана, Башким Хасани заедно со началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора (ВЦГ), бригаден генерал Милутин Ѓуровиќ денеска присуствуваа на завршниот ден на билатералната вежба со бојно гаѓање, што се реализира на армискиот полигон „Криволак“

Неколкудневната вежба со артилериско бојно гаѓање на која учествуваат припадници на ВЦГ и питомците од Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, како што соопштија денеска од Секторот за односи со јавност во Генералштабот, е уште една потврда за одличната билатерална соработка со ВЦГ, како и за капацитетот на воениот полигон „Криволак“ за изведување на разновидна воена обука, со што го истакнуваме нашиот придонес во НАТО Алијансата.

За време на денешната активност питомците од трета и четврта година реализирале тактичка вежба со бојно гаѓање „механизиран пешадиски вод во напад“, која е во рамки на нивната завршна обука за командири на водови, при што артилериската поддршка ја даваат припадниците на ВЦГ.

Генералите Ѓурчиновски и Ѓуровиќ по завршување на вежбата изразиле задоволство од прикажаното и од интероперабилноста на постапките, согласно стандардите на НАТО, кое ја осликува и одличната соработка помеѓу Армиите на Република Северна Македонија и Црна Гора.

Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање пред учесниците им изразил признание за постигнатите резултати, високото ниво на обученост и меѓусебната координираност, кои се одлична можност за понатамошно интензивирање на ваков вид заедничка обука која се организира и реализира за краток временски период.

Началникот на Генералштабот на ВЦГ, генерал Ѓуровиќ заблагодарувајќи се за севкупната помош и поддршка, која овозможи реализација на активноста истакнал дека вежбата е уште една потврда дека можеме заеднички да продолжиме и да ги збогатуваме формите на воена соработка.

Заменикот министер, Башким Хасани во своето обраќање порачал дека оваа заедничка вежба е уште една потврда за одличната меѓусебна соработка, а служи и како патоказ за реализација на уште поголеми и посложени вежби и обука.

Само со заедничка обука и вежби, ќе обезбедиме ефикасно и заедничко учество на обучени, професионални војници и офицери во операции за успешно справување со комплексни предизвици, рекол заменикот – министер.

Хасани, стои во соопштението, истакнал дека полигонот „Криволак“ нуди големи можности и капацитети и претставува место каде што се развиваат знаењата и вештините на нашите питомци, идни командири и команданти.

На крајот од вежбата на питомците од четврта година, меѓу кои има и питомци од Црна Гора, им беа врачени сертификати за успешно завршен курс за командири на водови.

Армискиот полигон „Криволак“ и претходно беше домаќин на припадниците на Војската на Црна Гора за реализација на воена обука со артилериски гаѓања, како дел од заедничката билатерална соработка, а на нашата Воена академија се школуваат и питомци од Црна Гора.

Обуката на припадниците на ВЦГ на полигонот „Криволак“ започна на 26 јули, а за време на изведување на обуката и вежбата обезбедивме потребна логистичка поддршка, сместување и придружба на воениот транспорт до и од полигонот „Криволак“.

Изминатиот период капацитетите на АП „Криволак“ значајно се подобрија преку подобрување на инфраструктурното поврзување, со што се зголемија и можностите за изведување на различни видови на вежбовни активности од страна на армиите од земјите членки на НАТО, се наведува во соопштението од Генералштабот .

На денешната вежба присуствувале и командантите на Командата за операции, Командата за обука и доктрини и 1. Пешадиска бригада бригадните генерали, Бесник Емини и Методи Хаџи Јанев и полковник Сашко Лафчински, како и деканот на Вoената Академија.

Back to top button
Close