БИРН: Како падна тендерот со „Икарус“
Јавната набавка за автобусите изгуби смисла уште на стартот
Ако успее најновиот тендер, првите 30 од вкупно 150 електрични автобуси ќе ги видиме на скопските и на улиците од поголемите градови пред Нова година, во декември.
Министерот за транспорт, Александар Николоски ја направи проценкава по барање на БИРН откако во последниве недели му пропадна тендерот за автобуси и речиси веднаш, на 28 мај, распиша нов и идентичен јавен повик.

Неслучајно се брза.
Со рокот во декември неславно се заокружуваат пет години од моментот кога политичарите препознаа дека на Скопје, но и на други градови, им се неопходни и нови, и еколошки автобуси. На победничките избори есента 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со кандидатката за градоначалничка, Данела Арсовска, ветуваа 250 екоавтобуси (и бесплатен јавен превоз), а партијата со слични гаранции ги доби и ланските локални избори, меѓутоа од 2021 година до денес, возниот парк на скопски ЈСП е подновен само со шест нови автобуси, и тоа се оние што преклани ги донираше Европската Унија.
Години се потрошија во инаетења меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ на седниците на Советот на Град Скопје, откако политички се разидоа, меѓутоа засега неуспешна се покажува и стратегијата Министерството за транспорт да ги преземе работите во свои раце и тоа да купи автобуси. Впрочем, најновиот тендер е трет обид да се набават автобуси во 24-те месеци откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
Новите автобуси би ги ублажиле катадневните малтретирања на скопјани, кои придонесоа бројот на патници на ЈСП да се преполови во последнава деценија. БИРН пишуваше дека дневните извештаи од диспечерскиот центар на ЈСП, во кои се содржани податоците за секој автобус што бил повлечен од сообраќај, се своевидна енциклопедија на дефекти.
„Речиси нема дефект познат во автоиндустријата што не е забележан во нив“, заклучува анализата.
Електронската аукција стана беспредметна
Министерот за транспорт, Александар Николоски | Фото: Министерство за транспорт
Иако тендерот пропадна поради административен пропуст, недостасувал електронски потпис на еден документ, анализата на БИРН покажува дека во постапката имало и друг елемент што антикорупциската практика го смета за потенцијално проблематичен.
Тендерот ја изгуби смислата уште на стартот зашто три од четирите заинтересирани фабрики испаднаа од игра, оставајќи ја унгарската „Икарус-Електробус“ сама со себе да се натпреварува за набавката вредна повеќе од 50 милиони евра (без ДДВ). Практично, беспредметна стана електронската аукција, со која, преку негативно наддавање, требаше да се обезбеди пониски цени за автобусите.
Трите дисквалификувани произведувачи на автобуси испаднале поради проблем со банкарската гаранција што се поднесува заедно со понудата. Таа е финансиски инструмент со кој понудувачот гарантира дека е сериозен и нема да се повлече или да се однесува нечесно во текот на постапката. Вредноста на оваа гаранција е три отсто од понудата, што во овој случај изнесува приближно 1,5 милион евра.
…






