Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот
Ентони Блинкен и Сергеј Лавров во Скопје намерно или ненамерно се разминаа, но се разминаа и ставовите на САД и на Русија за актуелните геополитички случувања, за состојбата и иднината на ОБСЕ, за случувањата во Украина и на Балканот. Блинкен беше на лидерската неформална вечера и замина за Израел, а Лавров одржа долг говор на пленарката на Министерскиот совет, што беше бојкотиран од дел од делегациите. Неговото доаѓање во Скопје беше причина за откажување на присуството на министрите за надворешни работи на Украина и уште неколку земји.
Лавров одржа прес-конференција на маргините на Министерскиот совет на која повторно го обвини Западот дека го уништува ОБСЕ, дека е одговорен за сите проблеми на Балканот, дека првиот американски дипломат Блинкен, а не тој го избегнал состанокот во Скопје, а истото го сторил и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел. Им подели и совети на новинарите како да работат и критики дека нивните прашања поврзани со Украина се пропаганда.
Според рускиот министер за надворешни работи Лавров, проблемите со кои се соочува балканскиот регион потекнуваат од Западот, уште од времето на распаѓањето на поранешна Југославија. Западот, оцени Лавров, отсекогаш имал интерес да ги подбуцнува народите едни против други. На прашање на МИА во врска со тоа како Русија гледа врз идентитетската агресија врз Северна Македонија од бугарските испостави и дали тие имаат руска позадина одговори дека не е голем експерт во македонско-бугарските односи и повтори дека според него, проблемите за регионот влечат корени од Западот.
-Лавров неосновано фрла вина врз другите и ја има усовршено таа уметност, му одговори постојаниот претставник на САД во ОБСЕ Мајкл Карпентер.
– Би било соодветно да направи поголема интроспекција на руското малигно влијание врз повеќето демократски држави, вклучително и на Западен Балкан, каде што е тоа нагласено, кажа Карпентер на прес-конференција во рамки на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.
За изјавата на Лавров, дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и Жозеп Борел „кукавички избегале од состанокот со него“, Карпентер рече дека „никој не сака да седи на маса со Лавров и да слуша лаги и дезинформации и пропаганда“.
– Седењето на страна од таа маса има повеќе разумна смисла, освен ако некој не сака мазохизам, кажа Карпентер.
Заминувањето на Блинкен и Борел од Скопје, пак, за Лавров претставува обид за изолирање на Русија, а тоа било целта и на откажувањето на присуството на министрите за надворешни работи на Украина, Полска и балтичките земји.
Блинкен и Борел присуствуваа на неформалната вечера на лидерите, која се одржа во средата, но не беа на официјалното отворање на Министерскиот состанок, на кој САД беа претставени од помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан. Блинкен, како што соопшти Стејт департментот замина за Израел, а во земјава оствари средби со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи.
Москва и Вашингтон целосно се разминуваат и околу функционирањето и иднината на ОБСЕ, организација која го влече своето потекло од времето на детант во раните 1970-ти, формирана да послужи како мултилатерален форум за дијалог и преговори меѓу Истокот и Западот и да одговори на предизвици по периодот по Студената војна,
Лавров смета дека има целосен пад на сè што е креирано од ОБСЕ и оти има деградација на сите димензии на Организацијата – безбедносни, дипломатски, економски и цивилни.
Според Лавров, европските колеги не извлекле никаква поука и дека над 90 проценти од сите говори на пленарната сесија биле потврда на тоа.
– Гледам како се прават напори за продолжување на ваквата агонија. Што ќе се добие со продолжување од неколку месеци, шест месеци или година, рече Лавров на прес-конференцијата. Негов впечаток е дека нема шанса за спас на ОБСЕ.
САД, пак, сметаат дека ОБСЕ ќе продолжи да функционира и оти оваа Организација е изградена врз консензус и е воспоставена како алатка за соработка.
– Иако овие денови тоа е многу тешко бидејќи Русија ги поткопува основните принципи на меѓународиот поредок. Русија ја попречува работата на ОБСЕ и е изолирана поради воената агресија врз Украина. Но ние ќе дадеме се од себе за да најдеме креативни решенија за проблемите за да постигнеме резултати, кажа Карпентер на прес-конференцијата.
Карпентер, а претходно и Блинкен, искажаа признание на Република Северна Македонија за, како што оценија, огромната работа што ја направи за време на едногодишното претседавање со ОБСЕ во многу тешко време, како и за организација на собирот во Скопје.
Покрај изборот на новиот претседавач Малта, на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје е постигнат и првичен договор за продолжување на мандатот за девет месеци на генералниот секретар, на високите претставници за националните малцинства, слобода на медиуми и на Канцеларијата за демократски институции и човекови права.
Северна Македонија и главниот град Скопје во изминатите три дена угостија околу 1000 делагати од 57 земји членки на Организацијата и држави партнери.
На 30. Министерски совет на ОБСЕ, најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста, присуствуваа шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.