Брегу повикува на вклучување на младите во креирање на политиките на Западен Балкан
Ако Европа е идеја, тогаш можеме да ја оживееме во кој било дел од светот, а тоа значи и во срцето на континентот, Западен Балкан, вели генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу, појаснувајќи дека тоа најмногу можат да го сторат младите.

„Седумдесет и пет отсто од граѓаните на Западен Балкан на возраст од 18-24 години веруваат дека членството во ЕУ би било добро за нивните земји, што е многу повеќе од вербата што ја имаат другите возрасни групи. Нивната визија за ЕУ и Европа е визија што овозможува слобода на патување(59 отсто), слобода на работа и школување(59 отсто), и економски напредок (48 отсто)…Значи вредоностите се во центарот на вниманието или што би рекле некои во Брисел, вредностите содржани во член 2 од Договорот за Европската унија“, пишува Брегу во колумна објавена на сајтот на РСС.
Брегу потсетува дека кога пред две години започнал проектот за Лабораториите за млади на Западен Балкан, се чинел како експеримент, иновативен пристап. Но поради ентусијазмот и посветеноста на младите кои работеле заедно со креаторите на политиките, веќе довел до низа иницијативи низ целиот регион.
„Запрашани што прво треба да се стори, повеќето млади вклучени во процесот рекоа исто – да бидат вклучени во создавањето конкретни промени, особено во прашањата за образованието, вработувањето и заштитата на природната средина“, пишува Брегу, потсетувајќи дека оваа 2022 година, ЕУ ја прогласи за Европска година на младите.






