Брегу: За 5 години ќе ги приближиме цените на роамингот со ЕУ со домашните цени

Западен Балкан и Европската унија треба да се приближат до целта бесплатен роаминг во период од пет години, соопшти денеска генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу.

– Заедно со владите на шесте земји од Западен Балкан и со Европската комисија, РСС направи добар и прагматичен план со кој ќе се отвори патот за намалување на цените на роамингот во рок од пет години и ќе се приближи до домашните цени, рече Брегу говорејќи на самитот Западен Балкан – ЕУ во Словенија.

„Не постои пазарна логика, а особено во време кога ЕУ го продолжува својот успешен режим за бесплатен роаминг, со кој може да се објасни малопродажната маржа на операторите од Западен Балкан од преку 700 отсто во 2020 година. Стабилниот пат за намалување на цените на роамингот е решение кое е корисно за сите, како за операторите, така и за крајните корисници. Оваа програма со која се намалуваат цените и се отстрануваат пречките, треба да ги охрабри и да ги поттикне и другите заеднички програми помеѓу ЕУ и Западен Балкан“, рече Брегу, споменувајќи го притоа огромното значење за признавање на академските дипломи и стручните квалификации меѓу земјите од Балканот поради признавањето на квалификациите меѓу ЕУ и Западен Балкан за младите од регионот.

Извештајот за роамингот помеѓу Западен Балкан и Европската унија кој денеска го објави РСС, покажува дека малопродажната цена за пренос на податоци и користење на интернет била за 43 пати повисока од цените внатре во регионот, цените на појдовните повици била 5,6 пати поголема, а текстуалните пораки чинеле 6,5 пати повеќе.

Учесниците на самитот во Словенија денеска ја усвоија заедничката Декларација, со која, меѓу другото, се поздравува планот со кој ќе се создадат услови за драстично намалување на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан.

РСС го водеше процесот на преговори меѓу земјите од Западен Балкан и операторите со кој се издејствува од 1 јули годинава да биде укинат роамингот во регионот.

 

Back to top button
Close