Чекајќи го Годо, Вучиќ, веќе, не “испелцува” – масовно и колективно: “од Куманова, преку Скопља и Вардара, до Кајмакчаланa”!?

На Балканот има толку историја, што, човек со живот од еден просечен век, и колку да се труди, не може да ја исконсумира. Еден руски класик пишуваше: земјите и народите со богата историја, по правило, се несреќни народи!”. Можеме да бидеме горди на тоа, но не и среќни, освен ако не се умислуваме дека сме токму ние тој избран, небесен народ.

Српскиот учен и умен, колегата, Јован Хаџи Костиќ, опоменуваше: историјата е навистина добра учителка,но, само за добрите ѓаци, а оние другите, се само понављачи”!”. За помладите колеги: тој во Вечерње новости ( Тако речи незванично) и Душко Радовиќ на Студио Б, беа симболите на новинската сатира во поранешна Југославија. Кај нас, само уште Љупчо Сиљаноски, може да му биде пандан на Костиќ, кој објави над 60.000 афоризми, додека весникот се отвораше и затвораше со неговата рубрика.

По Балканите има толку митологија и се рашетуваат толку митомани, што е многу тенка линијата – од митоманијата до пироманијата. Многумина запечалија, а уште повеќе се изгореа на балканската митологија. Меѓу печалбарите е и нобеловецот Ханке, на запад оспоруван, овде по Балканите величан, преведуван и препреведуван.

За среќа, или несреќа – кој, како милува, потаму од Балканите, има дежурни светски полицајци кои можат навреме да ги постројат, да ги седнат на училишно то столче во Овалниот кабинет покрај реката Потомак (Вучиќ), или, пак, од среде Приштина, да му ја отпеат на Харадинај: американските војници не се бореа и не гинеа за Голема Албанија.

Духовник со меч, или воин на коњ, прашање е сега.

Балканска кич грандоманија. Мегаломанија и грандоманија. Скопските мајтапчии, велат дека во ЕУ ќе влеземе кога Букефал ќе ги симне и двете предни копита! Оние во Белград, на нивниот Букефал, му ги фарбаат јајцата во црвено, за Велигден!

Митоманијата скапо кошта. И долго трае. Ниту Букефал ќе ги симне копитата, ниту Петре Шилегов ќе се отрезне. Бароктните зданија покрај Вардар ги запоседнуваат воините, а народецот и натаму плови со умот со гемиите, до некоја следна голема измама. За кого бијат камбаните!?

Во српската метропола на двете реки, синоќа, сложно и синхронизирано биеја камбаните! За кого? Веројатно за Александар Вучиќ! Со мечот, или на него!? Но, и за сите Срби.

Белград, доби уште еден “велики, ако не и највеќи! плоштад – “Савски”. Не по реката Сава, туку по Свети Сава. А, не ретко се случувало поради Сава, или некој си Сава, да им биде вонивен и Свети Сава!

На Денот на Свети Сава, откриен е споменикот на таткото на Свети Сава, Стефан Неманиќ, или Немања, со епохални димензии: 23 метри височина, и само 80 тони тежина!? Такво нешто може да се осмисли и димензионира само во братска Русија.

Еден српски учен, претседателот на САНУ со корени, по мајка, од крај сините води на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, Владимир Костиќ, пренесува мисла на друг многу учен, академик – московски и се руски: “најголемата трагедија на Балканите е што Србите ги сакаат Русите, а тие, пак – Бугарите!?

Србија и нејзиниот пртетседател Вучиќ, синоќа, далеку од пораките на Немањиќ (“ ко не воли брата, тај не воли ни Бога”), наместо да се обедини, повторно се подели: дали ова “ново светско чудо” е симбол на средновековна – на Неманиќи држава, или, пак, е симбол на денешна – Вучиќева, или, на Вучиќ држава?

Нашиот Бранко Тричко, веќе му даде значење на “кaзан за печење ракија!”, иако, мене,повеќе ми личи на ракета пред полетување. Прашање е само кога ќе почне одбројувањето?

Србите, а и не само тие, прашуваат: каде е крстот? Зошто меч, сабја насукана во рацете на духовникот!? Мајтапчиите ги повторуваат зборовите на Вучиќ и неговиот прв архитектонски послушник Горан Весиќ, дека е ова споменик на државникот, а тек ќе следи споменик на духовникот Немања. Ако мечот на државникот е Христов меч (Весиќ) тогаш каков ќе биде мечот на доховникот – “светец и родоначалник на српската државотворност?

На почетокот, сам се прашуваше и исчудуваше!” и самиот автор на делото, Александар Рукавишњиков, кога му соопштиле за депешата од Белград – да го симне првобитно нарачаниот крст од раката на духовникот, a да го стави мечот на раката на државникот Немања.

Генијалниот, како што вели Вучиќ, скулптор, сега, дава образложение, адекватно на моментот: “ако на Ленин му е одземено правото да носи два качкети – еден во раката, друг на главата, тогаш и Немања нема да носи два крста”!? Аферим баќушка! Можеби затоа вредноста на споменикот е орочена државна тајна!?

Меѓу гостите, високи официјалци, беа и градителите, арапските финасиери на комплексот “Београд на води”, кои од стамбените одаи надвиснати над водите, цицаат и по десетина илјади евра од метар квадратен. Вучиќ, ги поздрави посебно (веројатно да го потцрта отсуството на крстот!), а попатно не заборави да ја пушти раката, пардон – прописно, масовно и колективно, да не испелцува од Куманова, преко Скопља и Вардара, до Кајмакчалана.

Во ред, Куманово и Кајмакчалан се места каде страдале Србите, веројатно за некакви свои интереси, а не од љубов кон мештаните – поданици на Александар Караѓорѓевиќ, кој милувал своите бановини да ги покрстува според реките!

Во ред, официјално Скопје, не само што дозволува, туку и учествува на прославите во Куманово и Кајмакчалан, но Србите страдале и во Албанија, во збегот поред австро-унгарските дивизии, но и во Добруџа, Бугарија. Белким, Вучиќ нив не ги заборава само поради старечка амнезија!?

Историјата е добра учителка, само за добрите ученици. 

Веле Митаноски

Back to top button
Close