Чекор до гола држава!
Кажуваат дека Кристофер Колумбо по враќање од дотогаш непознатата Америка, цел живот бил во конфузија, оти кога тргнал – не знаел каде оди; кога стасал – не знаел каде се наоѓа; а кога се вратил – не знаел каде бил…
Кога мислeвме дека конечно кај нас е закопан тој примитивен национализам и дека тргнуваме кон нормалното, болни за власт секој ден хистерично посипуваат отров врз односите со нормалноста! Дали тоа е поради некоја нивна скриена агенда (која е се појасна), или поради занесеност од вишок власт, или пак поради нешто трето, факт е дека кај нас на погон e вратeн агресивниот национализам. А национализмот прво што прави – ја убива душата на еден народ, а потоа иднината, за на крајот да се врати кај самите тие што го практикувале. А во нашата политичка пловидба натпросечно имаме потпросечни националисти кои не знаат за каде пловат.
Како и да е, ова на Бугарите им дојде како „кец на десетка“ во нивните напори за докажување на наша глупавост. Сега цела Европа разбра Бугарите со кого имаат работа. Со тешки милиони Бугарите не ќе можеа да го постигнат тоа што овие два три дена гратис им го сервираа нашите водачи. Бугарската порака гласи – сега да знаете кого утре примате во ЕУ! А таква порака е јасна за секој европеец кој има грам ум.
Интересно е, како тоа кај нас новите водачи, меѓу бројни модерни патишта избираат слеп пат! Наместо да учат од грешките од минатото, тие истите ги дуплираат. Никој не чука глава како тоа од втора рангирна држава по развој меѓу 16 држави од источна Европа, сега сме последна. Рамно 34 години се движима во спротивна насока на развојот. За 34 години, тој „лошиот“ Тито 11 пати го зголемил животниот стандард во споредба со 1945! А ние и по 34 години независност сеуште сме во фаза – „ќе не биде ли“?!
Цезар ќе кажеше – дојдов, видов и не им верувам на очите! Тоа е кога намерно ќе го исфрустирате наивниот народ за да јаде корења, а самите како „патриот“ спиете над тешки милиони! Итриот водач нема да го чита марксовиот „Капитал“, туку истиот ќе го присвои. Најлесно се станува богат продавајќи илузии! А за ваков народ не постои грешка што не знае да ја прости!
По толку години независност попратена со уназаденост, некои полу-отрезнати се чудат како тоа некои држави кои со многу биле зад нас, ги фатија сите дванаесет ЕУ ѕвездички! А ние останавме под отворено небо. Заглавени сме со декади во споредни за’рѓни колосеци, гледајќи ги низ скршен прозор туѓите брзи возови за Брисел, перманентно повторувајќи ја глупавата фраза – „ќе нè биде ли“?!
А сега новата власт лекот што ни го нуди е полош од отрoвот од кој сме отруени. Наместо да тргнеме кон суштинското – договор за нов систем, каде што ќе се прави договор како да профункционираат институциите, како до рамномерни странски инвестиции, како до модерно земјоделие и сточарство, како до рурален туризам, како до нормално правосудство, како до професионална јавна управа, како до квалитетно образование, здравство, јавни услуги, оваа власт не упатува да го чекаме Годо кој никогаш не стасува! Се уморивме слушајќи кој колку крадел, а никој ниту одговара ниту нешто враќа од укаденото! Кај секоја нормална држава, за крадењето зборува судството, а не здодевните партиски портпароли. За корупцијата не се зборува туку се постапува.
Анти-западна ориентација!
Од првиот настап како власт, а и претходно се почнало со минирање на про-западната ориентација, на ЕУ интеграцијата, на Коридорот 8. Блокадата се вика „Бугарски диктат“. Страшни отровни стрели беа фрлени кон Коридорот 8 кој по сите параметри државата го претворува во балкански крстопат. На исток ја поврзува со Бугарија, Турција, Романија, Молдавија, Украина и целото Црно море, а на запад со Албанија, Јадранското море, со Италија и целото Средоземно море. Секој што е упатен во транс-европските коридори знае дека Македонија како крстопат на двата коридора силно би се здобила со геополитичи позиции, а и економски би напредувала.
Некој умен треба да се запрашува зошто Србија толку силно работи за елиминирање на Коридорот 8, а самата интензивно гради модерен автопат Ниш – Пркупље – Мердаре, поврзувајќи се со Приштина и Драч. А веќе на големо лобира за железничкото поврзување со косовскиот град Пеќ, па се до Драч?! Значи тоа важно го сака за себе. Тоа видно би го маргинализирал македонскиот дел од Коридорот 8, создавајќи своја ваијанта на К-8, со цел да бида клучка на трите континенти! Исто така, познато е дека важниот краг на српскиот К-10 (Ниш – Истанбул), одзема добар дел од добивката што ќе ја добиеше Македонија доколку ќе беше во функција К-8. Српскиот лев краг од К-10 (Ниш – Софија) директно се поврзува со Коридорот 4, десно кон Грција (Солун, Кавала и Александрополис), а лево кон Романија, Молдавија и Украина.
Да го имавме завршено К-8 како што го форсираше своевремено тогашниот премиер Георгиевски, сега голем дел од српскиот, романскиот, бугарскиот, турскиот и црноморскиот транспорт ќе се одвиваше низ Македонија. Да беа завршени на време компонентите на Коридорот 8, денес Македонија ќе беше многу поразвиена земја и веројатно членка на ЕУ. Бугарите немаше да не уценуваат со ништо оти голем дел од нивниот транспорт ќе се одвоваше низ Македонија. Башка што ќе имавме многу повеќе странски инвестиции, а би се отвориле многу работни места долж коридорот (бензински пумпи, ресторани, хотели, мотели, сервисни услуги, продавници итн.), плус таксарината за транзитот. Башка ќе се поврзавме и со важните реионално гасоводи ТАНАТ и ТАП. Македонија беше меѓу првите што почна со двата коридори (во 1993 година), но потоа застана. Оти, личниот интерес покриен со националистички гнев, сето тоа го фрлил во мочуриште!
Играта што ја води новата власт е директна услуга за „Српскиот свет“ и Русија, а тек ќе се види кој ќе го плати најскапиот цех. Сосема е извесно дека најслабиот плаќа највисока цена. Башка ако не знае а злоупотребува. Бројни анализи наведуваат дека вака како што прави Македонија го ризикува сопствениот опстанок. А Србија нема да ја спаси оти самата се надева на нејзин голем дел. Некако се осеќа дека главен град веќе не ни е Скопје, туку Будимпешта и Белград во координација во Москва. Во таа насока, дури и Охридската Архиепископија била притисната јавно да ја поддржи страната на Московската патријаршија во однос на Украинската православна црква! И така новата власт прави пријатели насекаде каде што се непријателите на западот!
Порака кон создавачите на Р.С. Македонија!
Познато е дека во ептен турбулентно време, американците ја создале Република Македонија. И цело време ја штителе. А сега таа дрвја и камења кон таа велесила како благодарност. Мицкоски вака се заблагодари: „Кога станува збор за меѓународната политика, никогаш нема да не видите како клечеме или се омаловажуваме. Во изминатите години имав можност да се сретнам со светски власти од Вашингтон до Брисел и Берлин. Нема ништо поинспиративно за мене од македонскиот народ и држава“.
На здравје премиере! И сопствената мајка ако силно ја прегрнувате можете да ја задушите! Се плашам дека од ветувањето за посветла иднина брзо ќе ни се затемни. Тито имал свој Голи оток, а ние вака нема да имаме ниту гола држава.
Мерсел Биљали