Црвен аларм во Грција: Невреме се очекува на Халкидики и во Солун
По неколкудневниот топлотен бран, северниот дел на Грција го очекува нагло влошување на времето. Грчката национална метеоролошка служба издаде црвен аларм, предупредувајќи на опасни временски појави што ќе го зафатат регионот.

Според прогнозите, во петок најсилен удар на невремето се очекува во Халкидики и Солун, каде што се најавени обилни поројни дождови, силни грмежи, олуен ветер и локална појава на град. Станува збор за региони во кои во овој период престојуваат голем број македонски туристи.
Надлежните служби ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат особено внимателни и да ги следат официјалните предупредувања. Се препорачува при појава на грмежи веднаш да се напуштат плажите и морето, како и да се избегнува возење за време на најсилните врнежи поради намалена видливост и опасност од поплавени патишта.
Иако невремето нема истовремено да ја зафати целата територија на Грција, властите советуваат сите што патуваат или престојуваат во северниот дел на земјата редовно да ја следат временската прогноза и упатствата од локалните служби.






