Да, ЕУ е безбедносно прашање за Македонија

Три дена по медиумите се врти дилемата дали членството на Северна Македонија во ЕУ е безбедносно прашање или не e. Пред да зајде без одговор, еве го моето мислење. Опозицијата, која никогаш не го призна својот дел од вината за нерешавањето на македонско-грчкиот  спор, условот за членство во НАТО, сега вели дека со членството во НАТО нашата држава веќе нема безбедносни проблеми. Додава дека тврдењето од страна на претставник на власта дека членството во ЕУ е безбедносно прашање е измислица за да се оправда некаква брза капитулација во спорот со Бугарија.

Прво,мислам дека залудно се надеваат на таква молневита разврска која, ќе ги ослободиод одговорноста и ќе ги катапулктира во седиштата на власта на брановите на народното незадоволство. Прашањето со Бугарија е далеку посложено од она со Грција и никој, па ни опозицијата не ќе може да се изземе од неговото решавање. Всушност, токму во овој случај би можело да се потврди правилото дека само освестен националистички водач може да поведе кон решавање на  спорот со Бугарија, онака како што само освестен американскиот десничарски претседател, антикомунистот Ричард Никсон, можеше да го реши спорот со комунистичка Кина.

Секој друг што би се обидел би бил растргнат од јавното мислење. Но, таквиот момент не се ни назира на нашиот политички хоризонт. Водачот на македонските националисти и неговата партија ќе треба прво да се соочат со одговорноста на власта а не само со комотната критика од опозиција. Но, нивното владеење повторно би значело криза, производ на загубени години за македонската држава и за народите кои живеат во неа. Е, тука, во тие загубени години до отпочнување на преговори со ЕУ, се назира безбедносниот проблем. Исистирањето на почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија едновремено е последица и на стравот на Запад од една иднина во која Албанците во Албанија брзо ќе се движат кон ЕУ, предизвикувајќи еден дисбаланс со Македонија. Зборувам за опасноста од растечко незадоволство со перформансите на македонската држава од страна на припадниците на албанската етничка заедница.

Таквиот развој на настаните, со Македонија која стои во место, може, во иднина, да ја радикализира втората по големина етничка заедница во прилог на обединување со Албанија, поуспешната од двете држави. Бидејќи, после југословенските војни стана недопустиво да се пука во своите граѓани за да се задржат во државата, сценаријата кои би следеле ја загрозуваат не само безбедноста на Македонија, туку и нејзиниот територијален интегритет. НАТО не може да помогне ако некоја држава, заради своите погрешни политики, се сосипе од внатре.

Денко Малески

  

Back to top button
Close