Дали Русија ќе ја нападне Европа?

Денко Малески

Прокси војната на Европа со Русија продолжува. После бран напади со стотици дронови, во овие моменти, гори рафинерија, фабрика за оружје и воена база во Москва и на Крим.Одлуката на ЕУ да ја продолжи војната и после најавеното американско повлекување ја изложува Европа на ризик да биде нападната од Русија. Не, руски трупи нема да в маршираат во Париз или Берлин, зашто тоа никогаш и не била целта на Москва, но, не е исклучен ракетен удар врз германски или други фабрики во ЕУ кои ја снабдуваат Украина со беспилотни летала.

Делови од јавноста во Русија, велат истражувачите, е незадоволна со млакиот одговор на Путин на се позачестените напади од Украина која ја продолжува војната со 200 милијарди долари поддршка од ЕУ. Во политичките и интелектуалните кругови во Русија, се погласни се оние како Сергеј Караганов, кои сметаат дека Путин мора одлучно да возврати, па ако мора и со предупредувачки нуклеарен напад.

Популарноста на Путин кај гласачите, која е сеуште висока, набргу ќе биде ставена на проба на септемвриските избори за руската Дума. И Русија, имено, има (каква-таква) демократија па не се само европските и американските политичари тие кои мора да се грижат за својата популарност.

Руската тактика е воздржаност во реакциите во надеж дека парламентарните избори во Германија и претседателските во Франција, ќе значат и промена на нивните политики кон Москва.Очекувањата не се без основа зашто германската АДФ е најпопуларната парија во Гењрманија, а францускиот претседател Макрон е со минимална поддршка . Нерационалната политика на европските политичари кон една голема нуклеарна сила, гледано со нивни очи, и не е толку нерационална.

Растени во униполарниот мопмент и задоени со либералната идеологија дека ширењето на НАТО во Украина значи ширење на зоната на мирот и демократијата, процес со кој во иднина би била опфатена и Русија, тие се шокираа на црвената линија на Путин дека Алијансата до границите на неговата земја го смета за егзистенционална закана.Дека, од Тукидид па до денес, односите на моќ а не идеологиите, ја дефинираат меѓународната политика е лекцијата која ја учат денешните европски политичари. Но, колку и да стануваат свесни за овој факт, тоа не можат да им го соопштат на своите народи без да загубат се. Вклучувајќи го и својот образ дека воделе погрешна надворешна политика која однела милион жртви зашто, на времето не ја уважиле грижата на Русија за својата безбедност и не се согласиле на неутралноста на Украина како начин да се избегне војната.

Втората причина зошто ЕУ ја продолжува војната со Русија преку Украина е во обидот да ја задржат Америка ангажирана на нашиот континент. Имено, европските политичари ги загрижува самата помисла дека Америка, „помирителот“ кој го обезбедуваше мирот во Европа цели 80 години ќе си замине. Одновото заживување на традиционалните центифугални тенденции меѓу европските држави ги плаши повеќе од сукоб со Русија, во надеж, се разбира, дека Америка нема да ги остави сами во случај на руски напад. Но, мислам дека ги чека изненадување. Во случај да се оствари црното сценарио и Путин да лансира некаков „Орешник“ врз некаква цел во Европа, Трамп нема да возврати со нуклеарна војна туку, од безбедна далечина, ќе им порача на европските политичари: Не ме поддржавте во моите планови за мирно решение на украинската криза, не ме поддржавте со Иран, сега берете си го гајлето како што знаете и умеете.

 

 

Back to top button
Close