Што правите, како сте? А што ќе ручате денеска?

Откако премиерот Христијан Мицкоски ни кажа дека му се јавил на Државниот јавен обвинител Ненад Савески за да го праша за запирањето на едногодишната истрага за наводни незаконски јавни набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, Савески кажа дека никого не може да спречи да го побара на телефон. Рече дека со Мицкоски првпат се слушаат и дека не разговарале за детали за конкретен предмет.

А за што разговарале?

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не може да суди дали е етички тоа што премиерот му се јавил на обвинителот. Вели: можеби се пријатели, па се чуле „здраво како сте, како ви оди работата“.

 

 

Таа вели дека јавниот обвинител не го познава и немала средба со него. Ама минатиот месец седеа на иста маса на Велигденскиот ручек на кој ги имаше покането Мицкоски.

Нејсе, можеби Мицкоски и Савески се ептен пријатели. И премиерот така му се јавува, како ние што им се јавуваме на пријателите без некој повод. Онака, на чамче муабет: Што правите, како сте? А што ќе ручате денеска?

Ама пак, и таа приказна дека премиерот и Државниот јавен обвинител се пријатели не држи. Оти, кога Савески се кандидираше за функцијата Мицкоски велеше дека не го познава, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го избраа само врз основа на неговата биографија.

Не сме баш толку наивни, па да не очекуваме премиер да не му се јавува на Државниот обвинител. Сигурно и претходните премиери им се јавувале на обвинителите. Затоа сме и вакви какви што сме. Ама, за разлика од другите, Мицкоски сака и јавно да се фали дека му се јавува на Савески.

Некако, во демократски општество, не иде баш така таа работа. Не знаеме баш дали има криминал со набавката на мазут и дали обвинителството сака да го скрие тоа. Ама, белким си има некаков ред како тоа се проверува. На крајот на краиштата, белким си има ред и како се прави притисок врз обвинителството и судството, на некој поелегантен начин. Не вака транспарентно, да се удира на сите тапани како што тоа го прави владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Демек, нема што да се криеме, вообичаена практика е премиер да му се јавува на обвинител, исто како што им се јавува на неговите министри. Да се знае кој е шеф на сите.

А зошто воопшто се вознемируваме ако премиерот му се јавува на Државниот јавен обвинител? Па Мицкоски веднаш по изборот од собраниска говорница му кажа на Савески кои случаи сака да ги отвори. Овој предмет со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино не беше дел од нарачката. Изгледа тогаш го имаше изумено, па сега накнадно морал да интервенира: Ало Ненад, ми текна…

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close