Дамева не поддржува колективна одговорност, таа треба да биде детектирана и санкционирана индивидуално

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, не ја поддржува тезата на колективна одговорност и смета дека таа треба да биде детектирана и санкционирана индивидуално.

Ставот на Дамева доаѓа по идејата, која во предизборието и програмски ја најави сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за распуштање на Советот и реформи во делот на изборот на неговите членови.

„Како правник, пред сѐ, не ја поддржувам тезата на колективна одговорност, сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание на разни емоции и слично“рече Дамева на денешната Конференција за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.

Таа укажа на некои последици доколку биде донесен нов закон за Судски совет. Дамева вели дека во периодот од распуштање до конституирање нов Судски совет ќе настане еден вакуум-период, во кој постои опасност да застарат некои дела.

„Ако се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет, јас се надевам дека пред сѐ ќе се почитува Уставот, а тој е јасен. Ако се размислува со промена на овој закон за Судски совет или донесување нов закон на Судски совет, апсолутно немам сомнеж дека ќе биде во согласност со Уставот, но сакам да укажам дека ќе има одредени последици. Во период од распуштање на Судски совет до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, кој иако би бил краток од неколку месеци, сепак постои опасност да застарат одредени постапки, што се иницирани од граѓани за несовесно постапување на одредени судии“,рече Дамева.

Доколку тие постапки запрат, Дамева вели би настанало слична ситуација како со измените на Кривичниот законик каде што голем број обвинети беа амнестирани.

„На граѓаните не им е важно кои се членовите на Судскиот совет, не им е важно кој е претседател на Судски совет, не е важно што дискутираат на седници. На граѓаните им е важно Судскиот совет да постапува во рамки на неговата надлежност и кој судија останува во судницата. Ако тие постапки се запрат и на некој начин се амнестираат оние нестручни и несовесни судии, за кои не можам да преjудицирам дали во текот на овие постапки исходот ќе биде на сите одговорност, во тој случај правдата нема да биде на страна на граѓаните. Тоа би било слична ситуација кога беа донесени измените на Кривичниот законик, каде огромен број на обвинети беа амнестирани. Не би сакала тоа да се случи и должна сум да укажам дека при донесување на нов закон треба да се внимава на последиците кои, за жал, би биле огромни“рече Дамева

Back to top button
Close