Дебата: Со новите измени на КЗ ќе настапи застареност во 14 судски постапки и се намалува казната за тие што се огрешиле

Со новодонесените измени на Кривичниот законик ќе настапи апсолутна застареност во 14 судски постапки иницирани од Специјалното јавно обвинителство. Наместо да се донесе закон којшто ќе го ограничи рокот на постапување, ќе има реперкусија врз судиите и јавните обвинители кои што не постапуваат во рок, но и напротив се намалува казната за тие што се огрешиле. Овие се дел од заклучоците произлезени од денешната панел-дискусија „Измени на Кривичниот законик: европско знаме за дезинтеграција?“, во организација на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата истакна дека со донесувањето на Кривичниот законик по скратена постапка се зголемува ризикот од корупција. Таа смета дека изјавите на носителите на јавни функции дека се спремни да се борат против корупцијата, се само декларативни оти, како што вели, на овој начин само се потпалува корупцијата и се зголемува можноста за тргување со влијание.

-Законот е донесен по скратена постапка, начин којшто го истакнавме како проблем во Националната стратегија и укажавме дека мора рационално да се користи таа алатка, особено на оние коишто се едноставни, не се комплетирани. Закон којшто предизвикува толкава ширка дискусија, дебата сето ова требаше да се случува пред донесувањето на законот, а не отпосле. Значи сето тоа претставува злоупотреба на алатката за донесување на закон по скратена постапка. Така што во таа насока веднаш ја кажавме и нашата реакција, бидејќи на ваков начин се зголемува ризикот од корупција и за нас сето тоа што го слушаме од страна на носителите на јавни функции, дека се спремни за да се борат против корупцијата веќе го сметаме дека тоа е декларативно заради тоа што на овој начин само се потпалува корупцијата, се зголемува можноста за тргување со влијание, рече Ивановска.

Ивановска смета дека наместо да се донесе закон којшто ќе го ограничи рокот на постапување, ќе има реперкусија врз судиите и јавните обвинители кои што не постапуваат во рок, но и напротив се намалува казната за тие што се огрешиле.

-Кои се ризичните фактори за корупција? Неказнивоста, невладеење на првото, злоупотреба на службена позиција, дискреционите овластувања, непотизмот, нетранспарентност, отсуство на интегритет. Дали овие фактори ќе се намалат со ваков закон? Не, напротив. Наместо да се донесе закон којшто ќе го ограничи рокот на постапување, ќе има реперкусија судиите и јавните обвинители кои што не постапуваат во рок, напротив се намалува казната за тие што се огрешиле. Многу се отвораат полиња за дискусија, но нема да ја смениме суштината. Напротив со ваквите решенија ние можеме само да им пренесеме порака на коруптивните ликови дека им се исплати корупцијата. Која е пораката до граѓаните? Дека корупцијата ќе им се исплати, рече таа.

Според Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници, со новодонесените измени на Кривичниот законик ќе настапи апсолутна застареност во 14 судски постапки иницирани од Специјалното јавно обвинителство – ТНТ, Талир, Трезор, Титаник, Титаник 2, Траекторија, Тендери, Шпански скали, Таргет-Тврдина, случајот на Стефчо Јакимовски…и потенцира дека повеќе од 80 лица кои што се обвинети во овие предмети, нема да бидат кривично гонети.

-По сите овие предмети ќе настапи апсолутна застареност како што се водат постапките. Но секако по овие предмети веќе е јасна разрешницата како ќе завршат овие предмети. Ова е во однос на јавноста да се измери колку е таа општествена штетност особено кога се работи за предмет кој привлекува голем граѓански интерес. Предмети кои што луѓето ги следеа постапките и се заинтересирани во однос на тоа како ќе бидат консеквенциите на кривичните дела во овие предмети, рече таа.

Цветановска истакна дека кога се прават законите, во носењето на овие закони, сосема се прескокнува ПВР процесот (Проценка на влијание на регулативата) за да се види колку ваквите измени ќе влијаат во однос на изрекувањето на казните. Посочи дека нивните критики биле во насока на тоа дека не само што не била консултирана јавноста за измените, туку и работната група која што го подготвуваше новиот Кривичен законик се уште немала информации дека вакви измени се спремаат. Посочи дека во постапката на донесувањето на новите измени на Кривичниот законик се злоупотреби европското знаменце.

Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на Националниот демократски институт во Северна Македонија истакна дека ги охрабруваме и советуваме оние кои во моментов работат на реформи на Деловникот во Собранието да размислат како да го заштитат граѓанскиот простор, да обезбедат учество во процесите на креирање политики. Посочи дека еден начин да се направи тоа е да се има собраниски календар, за да се знае кога работите одат во процес, кога законите ќе се дискутираат во работните тела, кога ќе има можност граѓаните да имаат придонес за законодавството и кога тоа ќе оди на пленарна седница.

-Во однос на ова имаме тесна соработка со Парламентот, за да ги охрабриме да размислуваат за начини на кои ќе обезбедат собраниски календари, за сите да знаат кога се случуваат работите. Понатаму, кога станува збор за надзор, важно е да има редовни процеси на надзор за да се обезбеди средина во која пратениците поставуваат прашања за тоа што се случува. На пример, Клиниката за Онкологија, тоа неодамна се случи, поставувајте прашања за тоа што се случило таму и зошто. Исто така, кога се употребува ЕУ знаменцето, треба да има CELEX број, значи ЕУ број и соодветни табели за да се забележи точно за кој дел се однесува измената. Ова се некои од примерите на кои се обидуваме да работиме со Парламентот, да размислуваме за начини да го надградиме и подобриме Деловникот за да се осигураме дека повеќе луѓе ќе седнат на маса и ќе донесат правилни одлуки.Ова е обид да се промовира транспарентност, отчетност, заштита на граѓанскиот простор од корупција, охрабрување на учество во креирање на политиките, рече Хејзлет.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close