Десет лица осудени за сексуално насилство во Британија пристигнаа во Полска по инвазијата на Украина, соопшти британската полиција

Десет лица осудени за сексуален напад во Британија пристигнаа во Полска по руската инвазија на Украина, наводно за да пружат хуманитарна помош, но полските власти ги депортираа. Тоа го соопшти портпаролот на британската Национална агенција за криминал, јави ДПА.

Според портпаролот, овие лица, сите со пресуди за сексуални злосторства, заминале во Полска во првите шест недели по почетокот на руската инвазија на Украина. Има околу 5.000 деца без придружба кои избегале од Украина на полска територија, додаде портпаролот.

Според него, десетте осуденици требало да ја известат британската полиција за нивните намери да патуваат, а по пристигнувањето да се изјаснат за што се осудени, но тие не направиле ниту едно ниту друго. Агенцијата им достави на полските имиграциски и полициските власти информации за спорните лица и им беше наредено да ја напуштат Полска.

Back to top button
Close