Димитриевски го повика Пендаровски да се откаже од вториот круг: Се роди третата политичка сила

Почитуван мој претседателе, разликата е огромна, доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во име на граѓаните во вториот круг.

Максим Димитриевски, претседателски кандидат на Движењето ЗНАМ
Ова е пораката која претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, вечерва ја упати до актуелниот претседател и претендент за втор мандат, Стево Пендаровски, оценувајќи оти во македонскиот политички блок е родена третата политичка сила која ја испишува новата политичка историја.

„Сакам да се заблагодарам на сите граѓани коишто ширум Македонија ја дадоа својата поддршка за мене како кандидат на Движењето ЗНАМ, но воедно и на сите оние граѓани кои гласаа за моите противкандидати затоа што, сепак, на крајот на денот победи демократијата и победи Македонија, а тоа е и нашата цел – Македонија да продолжи да се развива и расте како држава, а ЗНАМ има за цел да ги обединува, а не разединува граѓаните“,порача Димитриевски на вечерашната прес-конференција.

Димитриевски додаде дека тој и Движењето ЗНАМ ја почитуваат волјата на граѓаните, но дека тоа е дополнителен поттик во следниот период да ги убедат сите оние кои овојпат не ги поддржале, оти намерите на „За наша Македонија“ се искрени кон сите граѓани без разлика на нивната политичка, етничка или верска припадност.

„Јас како кандидат заедно со сите кандидати за пратеници на ЗНАМ ќе продолжиме да го даваме нашиот максимум за да ја постигнеме конечната цел – да ја обоиме Македонија во поинаква боја бидејќи се уште сметам дека ние во Македонија не излегуваме од црно-сивиот свет. Нашата цел е да ја видиме Македонија таму каде што заслужува да биде, а тоа е на пиедесталот како полноправна членка на Европската Унија и рамо до рамо со сите нејзини пријатели во светот“,порача претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ.

Во оваа насока, Димитриевски оцени дека по парламентарните избори на 8 мај, Движењето ЗНАМ ќе стане политички фактор на стабилност во државата без кој, како што рече, нема да може да се формира идната влада.

„Регистриравме политички субјект којшто постои нешто повеќе од три месеци и се етаблираше со граѓанската поддрша на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат во понатамошната борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери да има партија со некаде три и пол илајди членови, а да освоите над 80 илјади гласови. Искрено сум горд на секој еден глас којшто дојде како поддршка за мене и за нашиот политички субјект. И покрај тоа што трендовите се тие – десницата добива, а левицата губи – дополнително единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“,
порача Димитриевски.

На своите противкандидати им честита за постигнатиот резултат.

Според последните податоци на ДИК со обработени 87,97 отсто од избирачките места, Максим Димитриевски освоил 68 760 од вкупниот број на гласови.

Back to top button
Close