Дипломатски ѓакони
Дипломатите после заслужените новогодишни и божиќни празници полека се враќаат на работа. Од своите ресорни министри, во нашиов случај, веројатно и од нашиот претседател, а веројатно од 18 о.м. (после посетата на бугарскиот премиер) акл на нашиве заспани дипломати, ќе им даде и искусниот ни премиер Д.Ковачевски. МНР, Б. Османи покрај тоа што, веројатно со помошта на професорот по римско право, договори средба со новиот бугарски премиер К. Петков, во која прилика ќе ја запознае и министерката Т. Генчовска, во МНР, пред неколку дена имаше помпезен настап по повод претстојното претседавање на РМ со ОБСЕ во 2023. Практично нашите активности во претседовањето почнуваат во 2022 во функција на членка на “Тројката”. Тоа ќе биде прво заседание na RM со оваа реномирана организација, во која постојано доминира една неформална “Тројка” (САД,Русија,ЕУ) која во ова анализа, од познати причини, ќе ја изземеме.

Ова не ни е прво искуство со претседавање во меѓународни инстиции. Првата прилика беше претседавање ( 2007-2008) со Генералното собрание на ОН од страна на контраверзниот С. Керим, сместен од познати причини во Опатија. РМ беше неука да ја валоризира својата позиција, а ООН се разбира не се реорганизира ( ,меѓу останатото пропадна и идејата за проширување на СБ на ОН со уште една влијателна држава), што беше предизборен адут на нашиот дипломатски волшебник. Случајно или не во неговиот тогашен тим, прва виолина беше и сегашниот амбасадор на РМ при Мисијата на ОБСЕ, И.Џундев, на кого веројатно поради познатата дипломатска флоксула позната под виртуелниот поим “континуитет”, му биде продолжен мандатот уште една година, што е дискреционо право на ресорниот министер. Впрочем тандемот тогашниот МНР, Н.Димитров со асистенција на амбасадорот Џундев, ја покрена иницијативата без соодветна консултација со владата (ако не за друго, требаше поради финансиските импликации, односно високите трошоци за претседавањето), а да не зборувам за соодветната дебата во Парламентот.
Бидејќи, МНР Османи со својот иден тим составен до дипломатски ѓакони им предочил за каква организација станува збор, посебно во овие турбулентни настанаи поврзани со сигурноста и безбедноста, немам потреба да ја потенцирам таа страна. Но затоа потребно е да знаеме дали е тајмингот за претседавање со ОБСЕ добро одмерен. Дали РМ е политички подготвена да председава, дали имаме визија за претседавањето, дали сме кадровски подготвени за трогодишно ангажирање, дали предложениот тим од 25 дипломати е обучен да учествува во спроведувањето на оваа сериозна и одговорна активност. И конечно кои се нашите процени за нашето можно поентирање или пласирање на нашата позиција, бидејки како претседавач, мораме да ги дадеме и објасниме своите приоритети (до мај оваа година), односно за четири месеци. Дали некој од раководниот тим во МНР, може да објасни како е можно наше успешно претседавање со ОБСЕ, во ситуација кога немаме амбасадор во САД и Русија, а и нашите билатерални амбасадори во повлијателните држави не им паѓа на памет да се ангажираат по прашањата за претседавање во меѓународните организации. Немаме ниту амбасадор при Мисијата на ОН во Њујорк, кој секако би бил важна карика во лобирањето. Со други зборови ние истрчуваме на лизгавиот терен во дворецот Хофбург, без соодветна кондиција, познавање на материјата и претходно воспоставените врски со компетентни дипломати од меѓународните организации. Нашите дипломати кои се подготвуваат да заминат за Виена, се со црковна терминологија ѓакони, кои не можат самостојно да ја извршуваат својата должност. Тие се почетници во професијата- дипломат во меѓународните организации. Тие одат таму да учат, еден ден да станат попови. Во спротивно епископот ќе ги расчини. Кај нашите дипломтски ѓакони тоа не е така.Тие после три години во Виена ќе бидат расштркани по конзулатите и амбасадите, без никаков ред. Како инаку може да се објасни фактот да од 25 предложените дипломати само еден дипломат има искуство со работа во ОБСЕ, а истовремено најсикусните дипломати во работата во ОБСЕ се исклучени од активностите за претседавањето.
Се разбира дека Министерот Османи има дискреционо право да определува свои кандидати кои веројатно за ОБСЕ единствено знаат дека во рамките на дворецот Хофбург се наоѓа и познатата штала на шпанската школа за јавање. Тоа е доволно како ориентир да стигнат на секојдневните заседанија.
Претседавањето со ОБСЕ е голема шанса за нашата дипломатија да ја напушти зоната на анонимноста и безличноста. Прилика е да покажеме елементи на државноста со јасни обележја. Нашите дипломатски претставници во Виена во време на претседавањето имаат голема одговорност во претставувањето на РМ во организацијата која се залага за владеење на правото и се грижи за сигурноста и безбедноста не само на Стариот континент, туку геополитички од Вакувер до Владивосток. Со подготовките за успешно претседавање ние веќе задоцнивме.Нашите активности требаше да започнат уште 2019 кога, во уште непознати околности, решивме да се пријавиме за оваа функција. Нашата Мисија при ОБСЕ до скоро имаше три четири дипломати. Во нашето МНР на рефератот ОБСЕ не му било секогаш посветувано соодветно внимание. Едно време со тој реферат раководееше поранешна преведувачка по англиски јазик, која сега е амбасадор. Дипломати во мултилатерала во секоја држави се дипломатски епископи. Тие цел работен век остануваат на работата во меѓународните организации, како врвни експерти. Тие се еснафи во својата работа. Имаат посебни манири на однесување, зборуваат повеќе светски јазици, имаат сопствен став, посебни дипломатски вештини и познавање на суштината на организацијата, почнувајќи од архивата и архивското работење па до кабинетите на највисоките функционери. За разлика од билатералните амбасадори кои имаат поголема можност да “фризираат” информации со цел да им се допаднат на корисниците во државата, мултилатералните амбасадори изнесуваат прецизни договорени ставови пренесени од нивната централа во државите кои ги претставуваат.
Амбасадор во меѓународните организации има привилегија и можност секој ден да се среќава со своите колеги, не само на седниците. Нашите обично само наминуваат во своите уреди. Еден таков наш амбасадор при пристигнувањето на работа дури не ја земал поштата од засебниот фах, што обично го прават амбасадорите. Таа работа ја вршел возачот на кого амбасадорите при средбата пред боксовите го ословувале со “Господине амбасадоре”, мислејќи дека им е колега. Ништо ново. И возачот на еден наш амбасадор (во поранешната ни држава) кој го пратеше амбасадорот и на потшишување, кога доаѓаше и самиот на стрижење, фризерите го ословуваа со “Господине амбасадоре”.
Годинава ја дочекавме со непријатна епизода поврзна и со претстоечкото претседавање со ОБСЕ. Имено минатата година, без соодветна процедура во МНР, на должност заменик шеф на Мисија при ОБСЕ е испратено лицето,за кое беше распишана црвена потерница на Интерпол, и кој сеуште (преку пет месеци) се наоѓа во притвор. МНР мудро молчи за аферата поради која е дипломатот во зандана во северниот ни сосед. Со ова веќе на стартот сме на некој начин хендикипирани и треба да извлечеме поука, посебно во изборот на кандидатите кои треба да не претставуваат. Во случајот со претседавање со ОБСЕ, не мора сите да бидат дипломати, поради тоа што имаат дипломатски пасоши. Има многу еминентни млади луѓе во институтите, на универзитетите кои се верзирани во областите кои ги покрива ОБСЕ и кои би можеле успешно да ги извршуваат работите во рамките на нашиот тим. Впрочем од сите до сега амбасадори на РМ при Мисијата на ОБСЕ, има најмалку двајца кои заслужуваат да се најдат на 25-те величенствени. Не треба да се заборави дека РМ за своето претседавање со ОБСЕ треба да издвои 7-8 милиони евра во наредните три години. Вложените пари од народот треба да му се вратат.
Сепак годинава започнува со благонадежна посета на новиот премиер на Бугарија, К.Петков, кој ќе се сретне со својот двостран колега – премиер и Хардвардски студент (можеби се знаат од таму), нашиот иден премиер Д. Ковачевски. Главна тема е позната, како и ставовите на Бугарија кои ќе бидат потврдени на состанокот на Советот за безбедност. Нашиот претседател нема такви намери. Собранието не функционира. Премиерот е почетник, Исходот од средбата известен. Патот по кој тргнавме мораме да го изодиме, без оглед дали е погрешен. Посетата е прилика дискретно да го потенцираме и нашето идно претседавање со ОБСЕ, идната година. Тоа мора да се изведе дипломатски исенчано. Компетентниот кабинет на министерот Османи, заедно со заменичката министер и државниот секретар, секако за тоа подготвиле и потсетник за разговор со бугарската министерка. Значајната позиција на претседавач со ОБСЕ во 2023 може да биде во функција на подобрување на нашата позиција во однос на
досегашните бугарски ставови изнесени во нивните официјални документи. При секоја промена на власта првите посети на премиерите имаат политичка симболика. Бугарскиот премиер К. Петков, неколку дена по преземањето на функцијата го посети Брисел (ЕУ), а грчкиот премиер Мицотакис беше прв премиер кој ја посети Софија после промената на влста. Од соседните држави бугарскиот премиер од соседните земји прво ја посетува РМ. Кабинетот на МНР Османи секако подготвил мала анализа за симболиката на посетите. Ова симболика сепак не е решителен фактор во надминување на недоразбирањата со Софија. Се разбира мораме да сметаме и на значајни настани во државите од ЕУ, како и од глобалниот однос во геополитиката чие што движење недоволно аналитички ја следиме и често завземаме свои позиции, без добра анализа, не сметајќи на последиците.
И сосема за крај, најдобриот наш министер, и по тврдењето на тогашниот премиер (не и претседателот) Н.Димитров, коавтор на историскиот договор од Преспа, не требаше на врвот на својата дипломатска кариера да биде заменет (со сегашниот министер) и формално унапреден за ресорот ЕУ интеграции. Новата, стара “алтернативна” влада, од необјаснети причини го смени со еден алл раунд министер, па дипломатската кариера, доколку сеуште не е истрошена, може да оди само надолу. Можеби ќе ја продолжи нашата традиција поранешните ресорни министри за надворешни работи да одат за амбасадори. Впрочем места има доволно, меѓу кои и едно место које своевремено го одби(Москва) и едно во кое веќе ги покажа своите дипломатски квалитети (Вашингтон). Таа варијанта може да е дел од неговата нескриена амбиција поврзана со еден настан во 2024 година.
Ѓорѓи Мисајловски






