ДИЖС: Надзор над „Пејпар Мил“ по испуштање обоени отпадни води

– По рестартирањето на „Пејпар Мил“, обоени отпадни води се испуштаат во отворен канал што потоа се влива во Оризарска Река. А водата од реката, заедно со водите од хидроакумулациите Калиманци и Градче, се користи за наводнување на оризовите полиња.
– Државен инспектор за животна средина завчера (26 април) излезе на терен и утврди дека отпадните води од технолошкиот процес на „Пејпар Мил“ примарно се исталожуваат во лагуни, но нивниот капацитет не е доволен за да се задржат хартиените влакна пред испустот. Затоа отпадната вода што се испушта во каналот содржи висок процент на органска материја со целулозни влакна (која е остаток од хартијата која се преработува) и е обоена бело или кафено, во зависност од типот на хартија што се произведува, информира Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
По надзорот, инспекторот го задолжил „Пејпар Мил“ да изврши мерења на составот на отпадната вода од страна на акредитирана лабораторија и да изврши таложење на отпадната хартија пред испуштање – за да се намали концентрацијата на органска материја во отпадните води.
– „Пејпар Мил“ интензивно работи на заокружување на постројката за пречистување на отпадните води, со која таложењето на хартиениот отпад ќе биде поефикасно, а талогот и исталожената вода ќе се враќаат во процесот. Дотогаш „Пејпар Мил“ мора да го контролира испуштањето на отпадните води согласно наредбата на инспекторот. Водите мора да бидат заштитени, наведува ДИЖС во соопштението.