До кога ќе ја чекаме правдата

Почитувани читатели, денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ги споделувам со вас моите размислувања зашто сум убеден дека многумина идентично размислуваат како мене свесни за последиците од нефункционалниот систем во нашата држава.

Не сум единствениот, за жал, кого системот длабоко го повреди и уништи. Упорно пишувам колумни во име на правдата, барање и инсистирање на правдата. Многу мои истомисленици го почувствуваа камшикот на неправдата врз сопствениот грб, од својата сакана држава.

Минуваат блиску 5 години од безумниот чин кога Еуростандард банка беше однесена во стечај. Веќе е евидентно дека во стечајната постапка се обештетени сите правни и физички лица, па дури се обештетува и Фондот за осигурување на депозити, иако оваа исплата е спротивна на законите коишто владеат во Македонија.

Фондот не бил клиент на банката. Фондот е само систем кој дава гаранција дека граѓаните треба да имаат доверба во банките каде што ги чуваат своите средства и дека тој ќе ги обештети. Обештетувањето кон Фондот од стечајната маса е спротивно од Законот за стечај на банки.

Стечајните управници мора да бидат свесни дека и тие еден ден ќе бидат изведени пред правдата, бидејќи од стечајаната маса издвојуваат огромни средства за Фондот, а уште посилен аргумент е дека во игра се матни потези. Имено, зградата каде што беше централата на Еуростандард банка во најцентралниот дел на Град Скопје, беше доделена на Фондот по багателна цена од 2,000 евра по метар квадратен деловен простор.

Јавноста мора да знае дека во епицентарот на Град Скопје, деловен простор не може да се отуѓи по цена пониска од 6000 – 8000 евра по метар квадратен.

Со ваквиот чин, на стечајниот управник се забошотува вистинското собирање на финансиски средства во стечајната маса.

Цели 56 месеци секоја недела пишувам колумни посветени на стечајот на Еуростандард банка. Колумните имаа за цел јавноста многу подлабоко да се запознае со реалноста во нашето секојдневно функционирање како држава.

Против мене е покрената истрага за стечајот на Еуростандард банка. Во обвинителството бев повикан само еднаш на распит кој повеќе наликуваше на чиста формалност. За сето тоа време, за кое е отворена истрагата како обвинение против мене, со цврсти аргументи им се насмеав во лице.

Како е можно да се дојде до таква налудничава идеја, јас да сум учесник во ликвидацијата на мојата Еуростандард банка? Такво нешто може да помисли само човек со изматен ум. Лично мој стекнат капитал, надвор од Македонија, да го донесам и инвестирам во Македонија и самиот себе да се уништам. Јавноста мора да знае дека Еуростандард банка беше столб на целиот мој бизнис систем етаблиран во Македонија.

Еуростандард банка беше систем и срцето на мојот бизнис во Македонија. Не го загубив само капиталот во банката од блиску 40 милини евра, туку загубив два пати поголем капитал од фирмите кои беа тесно поврзани со мојата банка. Во централниот дел на Скопје , изгубив повеќе од 12000 метри квадратни деловен простор. Како е можно некој да размислува дека јас самиот со намера сум сакал да ја уништам мојата банка? Господе прости им. Болните умови кои се денеска реалност во Македонија се вистинскиот проблем за нашиот севкупен напредок во државата.

Правдата ја барам во Македонија за злосторот кој директно мене ми го направија: народна банка на Македонија на чело со актуелниот Гувернер Анета Бежоска, и асистенцијата од тогашната Техничка Влада, предводена од Оливер Спасовски и Собранието на Република Македонија водено од Претседателот Талат Џафери.

Не сакам целиот свој живот да го потрошам во барање на правдата која е толку очигледна и јасна. Главниот стожер кој кочи правдата да излезе на виделина е Јавното обвинителство и судскиот систем во нашата држава. Не случајно довербата во овие две институции е катастрофално ниска . Ваквата непопуларност на овие институции говори само по себе дека не сум единствениот во нашата држава. За жал, нѐ има многумина.

Животот, подарен од мојата мајка природа или Господ, сакам да го користам на достоинствен начин и да помогнам во подигањето на општествената свест. Сакам правото и правдата да владеат за секого поединечно. Ако сум виновен, осудете ме. Мачно е да ме држите блиску 5 години под истрага за дела кои ниту во сон не сум можел да ги замислам. Невиден апсурд.

Повторувам, барам правдата за стечајот на Еуростандард банка да испадне час поскоро или веднаш. Не сакам животот да го поминам во бесмислена борба и да ја докажувам мојата невиност за нешто што никогаш не сум го сторил, ниту пак можам да го сторам.

Во лично име и во име на многумина како мене, ја поддржувам актуелната Влада предводена од господинот Христијан Мицковски да категорично дејствува со цел да го ресетира Јавното обвинителство и судство, па наместо да бидат во служба на поединци со криминогени пориви, да бидат институции во интерес на секој поединец во нашата држава.

Плевелот во нивите мора да се чисти од корен. Плевелот во Јавното обвинителство и судство мора да се чисти исто така од корен. Не смее да постои ниту грам толеранција кон ова зло. И најмала толеранција е вовед и давање шанси криминалот и корупцијата да преживеат, а нејзините учесници и соучесници да останат неказнети од општеството.

Демократијата го губи значењето ако се дозволи криминогени структури да бараат излез преку институциите коишто треба да бидат ресетирани до темел.

Почитувани читатели, кога е во прашање правдата, бидете сигурни дека сум неумолив борец и ќе одам до крај. Сакам да ме разберете дека не сакам да бидам роб на искривени државни институции коишто не дозволуваат правдата да излезе на виделина.

Затоа ќе се борам од петтни жили и ќе го поддржам секој поединец и политичка партија кои имаат намера да ги имплеменираат правото и правдата во интерес на граѓаните и државата.

 

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close