ЕК: Бриселскиот дијалог е главна платформа за Србија и Косово

Портпаролот на Европската унија, Питер Стано изјави денеска дека не сака да шпекулира што ќе се случи во Вашингтон за време на состанокот на преставниците на Белград и Приштина, но дека Бриселскиот дијалог е главна платформа за Србија и Косово и дека целта е да се приближат до конечен договор и да напредувааат на европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.

На прашањето дали во Брисел и во Вашингтон се одвиваат два паралелни преговори, тој кажа дека толкувањата се слободни, но дека ЕУ посредува во дијалогот меѓу двете страни од почеток и дека тие гледаат позитивно на сè што ќе ги придвижи работите напред.

Според него, ЕУ и САД имаат заеднички интереси на Западен Балкан.

-Ние сакаме да помогнеме во стабилизирање на регионот. Иднината на овие земји е европска, порача Стано.

Говорејќи за можниот договор меѓу двете страни, кој би бил постигнат во Вашингтон, а кој би бил дестабилизирачки за регионот и би го нарушил процесот што го води ЕУ, Стано потенцираче дека се во прашање шпекулации и дека двете страни добро знаат кои се можностите.

– Двете страни се многу свесни дека нивната иднина е европска иднина и дека сакаат да влезат во ЕУ. Не верувам дека ќе се договорат за нешто што ќе ги спречи да ја постигнат оваа стратешка цел, што е и желба на нивните граѓани – кажа Стано.

Тој додаде дека ЕУ не се фокусира на најавите, туку на конкретни резултати што ЕУ веќе ги покажала во регионот, вклучувајќи го и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Стано потенцираше дека специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, има целосна поддршка од сите земји членки на ЕУ да го продолжи и финализира дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во разговорот вчера со министерот за надворешни работи Жозеп Борел изразил поддршка за работата на Лајчак.

Back to top button
Close