Електрични автобуси ќе има кога криминалната влада на Ковачевски ќе замине, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ


Ќе има фабрика и електрични автобуси кога оваа криминална влада ќе замине и кога ќе се создадат услови за инвестирање, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно премиерот Ковачевски во интервју за МРТ изјави дека кавгите во ВМРО-ДПМНЕ се за тендери и интереси, а дека главните проекти важни за Скопје кои беа ветени во предизборната кампања се стопирани.

Што се однесува до другите проекти, додаваат од опозициската парија, тие може да ги развиваат со Арсовска на која било од тајните средби кои ги имаат.

„Откако ѝ платија билборди, и спотови на Арсовска, сега конечно нарачателот на таквата лажна кампања во ликот на дезертерот Ковачевски се јави во јавност и лажно го обвинува ВМРО-ДПМНЕ“,

се наведува во реакцијата на опозициската партија.
Ковачевски, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ обвинува за тендери и матни зделки, а тој ја води најкриминалната влада во Европа и ги држи во посед обвинителството и полицијата.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно денеска во интервју за МРТ потенцира дека она што се случува во Град Скопје се кавги во ВМРО-ДПМНЕ за тендери и интереси, а дека главните проекти важни за Скопје и скопјани се стопирани. Поради тоа, побара сите преземени обврски да се завршат во интерес на граѓаните.

„Тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните, тие се занимавале со тендери. Обврската што ја зеле пред граѓаните да ја исполнат или да излезат и да се извинат на граѓаните за се она што ги излажаа на локалните избори во 2021 година. И градоначалничката и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и сите што беа вклучени во кампањата. Затоа што тие кампањи беа јавни и се е снимено“,

рече Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде премиерот, да се занимаваше со проблемите на граѓаните наместо со тендери, Град Скопје ќе ја преземеше обврската и управувањето со парното на скопјани. Наместо тоа, вели Ковачевски, таа обврска мораше да ја преземе Владата.

Back to top button
Close