Еразмус крос во Градскиот парк, фокус на спортот и европските вредности

Во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, денеска во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи спортско-забавниот настан „Еразмус крос“, со кој ќе биде заокружено одбележувањето на европската иницијатива „Еразмус денови“.
Настанот ќе се одржи на Тартан патеката со почеток во 10 часот и ќе ги обедини учениците од основното и средното образование во трка што, според организаторите, ги симболизира заедништвото, динамиката и отворањето нови хоризонти за младите.
Како што информираат од Националната агенција, кросот нема натпреварувачки карактер, туку има цел да промовира физичка активност, здрави животни навики, инклузија и европски вредности меѓу младите.
Од Агенцијата посочуваат дека настанот го означува завршувањето на неделата посветена на програмата „Еразмус+“, која од 12 до 17 октомври беше одбележана со различни активности поврзани со образованието, обуката, младите и спортот.
Покрај трките во повеќе возрасни категории, за посетителите е предвидена и забавна програма, како и презентација на можностите што ги нуди програмата „Еразмус+“.






