Еуростандард банка  

Почитувани читатели, колку и да се трудам да се ослободам од овој безобѕирен чин со кој се однесе во стечај мојата и на моето семејство банка, верувајте дека не само што не можам да се ослободам од него туку напротив ми дава уште повеќе сила да истраам во оваа моја битка за вистината. Водејќи ја оваа битка убеден сум дека ја водам битката на многу настрадани граѓани во Македонија каде единствен именител за нашиве маки е организираниот криминал всаден во државните институции на Република Македонија. Мудроста вели дека секоја планина си ја знае својата тежина, така да немам право да судам за сличните судбини на мои сограѓани кои исто така се ограбени од системот на организиран криминал кој владее во Република Македонија. Таксативно уште еднаш ќе ги споменам институциите и правните субјекти кои беа вмешани или соучесници во стечајот на Еуростандард банка.

Техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски – Замешаноста на оваа Влада се состои од носење на две контроверзни уредби со сила на закон после воведувањето на вонредна состојба во земјата поради пандемијата на Ковид-19. Првата од двете контроверзни уредби е донесена на седница на Влада и е објавена во Службен весник на 24 Март 2020 година и вели: нема покренување на стечајна постапка на правни лица минимум 3 месеци по завршување на вонредната состојба. Иста ваква уредба но објавена на 29 мај 2020 година во Службен весник вели дека стечај на правно лице е можно веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен правен субјект кој отиде во стечај после еден месец од завршувањето на вонредната состојба е Еуростандард банка без никакви претходни најави за ваквиот чин. На ден 12 Август 2020 година, член од акционерите има средба со техничкиот премиер Спасовски токму на темата стабилизација на Еуростандард банка, од кој состанок акционерот излегува со ветување дека Владата на РМ ќе помогне во нејзиното закрепнување. Средбата на акционерот со премиерот беше одржана во кабинетот на премиерот во 12 часот на 12 Август 2020 и само после 3,5 часа истиот ден, гувернерката на Народна банка помпезно го најавува стечајот на Еуростандард банка небаре се случува чудо. Тогашниот Технички Премиер Оливер Спасовски, а денешен Министер за внатрешни работи, повеќепати го повикував да даде објаснување. Констатирам МОЛК, а молкот во преносна смисла значи признавање на соучесништво.

Народна банка – Оваа институција го носи најголемиот удар на Еуростандард банка со фактот што оштетува многу физички и правни лица, меѓутоа и нас акционерите и вработените. Индиректно и Македонски пошти се ставени на колена, бидејќи Еуростандард банка имајќи ексклузивен договор со Македонски пошти за вршење на платен промет учествуваше во вкупниот платен промет во земјата со над 23% од сите платежни трансакции. Очигледно овој факт за учеството на Еуростандард банка во севкупниот платен промет на Република Македонија ништо не и значеше на гувернерката Бежоска, бидејќи беше детерминирана од само на неа познати причини да ја однесе банката во стечај, притоа прескокнувајќи низа редовни мерки, вонредни мерки, па и администрација за санација на банката. Луѓе наоружани со суета и на додаток послушници на одредени структури не треба да бидат на високи позиции во институции од витално значење за државата. Ова е токму случајот со Народна банка.

Судство – Јавното обвинителство поведе истрага за стечајот во Еуростандард банка. Јас како еден од четворицата осомничени досега бев само два пати на распит, еднаш во Обвинителство и вториот пат во Финансова полиција под ингеренции на Министерството за финансии. Повеќе од година дена немам никаква комуникација со овие две институции, меѓутоа на барање на Обвинителството, Основниот суд за гонење организиран криминал ми го замрзнува мојот личен имот стекнат пред формирањето на Еуростандард банка да го отуѓувам со образложение дека сум осомничен. За што сум осомничен? Самиот себе да се уништам? Сум се стекнал со нови украдени финансиски средства? Не почитувани, ниту во сон не би ми паднало напамет да самиот себе се уништам, а уште помалку да посегнам по туѓи финансиски средства. За тоа кој сум и што сум говорат многу мои дела во Република Македонија. Најпоразително во целава истражна постапка е фактот што целото обвинение е пресликано од извештајот на Народна банка кое е далеку од реално.

 

Собрание на Република Македонија – Контролата во работењето на Народна банка е под надлежност на Собранието на Република Македонија. Во склоп на Собранието постои Комисија за финансирање и буџет која во основа би требало да го контролира работењето на Народна банка. Во оваа комисија членуваат претставници од сите партии на Република Македонија и единствено базично за сите овие членови на комисијата е што би требало да го контролираат работењето на Народна банка, меѓутоа не знаат, не умеат и следствено на праксата која беше до сега, секој годишен извештај на Народна банка се прифаќа без вистинска контрола во работењето на оваа институција. Првиот човек на Собранието на Република Македонија, господинот Талат Џафери беше запознат со стечајот на Еуростандард банка и неговата првична реакција беше дека Народна банка не ги почитувала процедурите кои ги имала на располагање во случајот со Еуростандард банка. Следеше комисиска расправа во Собранието на Република Македонија на тема стечај на Еуростандард банка каде учествуваа сите институции во Република Македонија поврзани со овој настан и ние акционерите. Од овој настан само го добив записникот без никакви натамошни чекори кое ова тело при Собранието на Република Македонија би требало да ги преземе и до денес владее МОЛК. Молчи спикерот во Собранието Талат Џафери, молчи Комисијата за финансирање и буџет.

Почитувани читатели, најтешко го прифаќам фактот дека ова мене ми се случува во мојата единствена сакана Македонија. Не можам да го разберам поривот, освен ако не бил наменет да бидам финансиски уништен од поединци и групи на луѓе. Доколку и постоел таков порив, каде се горенаведените институции да ме штитат мене и мојот капитал? Денес веќе не ми е чудно што Македонија сè уште талка на сите нивоа од нашето општествено живеење, бидејќи организираниот криминал царува во системот, а таквиот организиран криминал се ништи, само со искусни, праведни професионалци. Дали ги имаме такви? Да, ги имаме.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close