Еуростандард банка требаше да се спаси по примерот на Кредит Свис

Почитувани читатели, насловот на денешнава колумна е упатен до вас, сами да споредите и заклучите како некои нешта се практикуваат кај нас,  а како во развиените европски држави.
Многупати пишував дека џелатот на Еуростандард банка беше Народна банка на Република Македонија. Вакви сериозни одлуки на Народна банка мора да бидат споделени со Владата и Собранието на Република Македонија . Говорам за сериозни одлуки, бидејќи се работи за финансискиот крвоток на секоја модерна држава, а тоа се банките.
Да појаснам, стечајот на Еуростандард банка беше обзнаен на 12 август 2020 година, веднаш по предвремените Парламентарни избори, при неформирани Собрание и Влада на Република Македонија.
Сериозна држава која сериозно размислува да ги заштити правните и физички субјекти кои се носители на оваа државотворност, мора да биде во тек со сите сегменти од нашето секојдневие.
Вклучително, една сериозна Влада мора да биде во тек и со финансискиот крвоток на секоја модерна држава. Народна банка нема право „преку колена” да носи банка во стечај, доколку немала  „амин” или преќутна поддршка од актуелната власт.
Денеска одекна во јавноста информација дека Швајцарската банка Кредит Свис го вратила долгот кон Владата од неколку десетици милијарди швајцарски франци,   средства позајмени од Владата на Швајцарија за санирање на банката.
Каков потег направи Владата на Република Македонија во случајот со Еуростандард банка? Никаков! Впрочем направи потег со носење на посебна уредба со сила на закон да овој чин: стечајот да биде извршен веднаш кога во Македонија немаше ниту Собрание, ниту Влада.
Што направи Швајцарската Влада за да ја спаси својата Кредит Свис? Таа направи сѐ, обезбеди додатни свежи финансиски средства, презема низа чекори во интерната легислатива за да му помогне на овој светски банкарски гигант. Токму овој пример говори за сериозноста која секоја Влада мора да ја има кон правните и физички субјекти. Швајцарската Влада деноноќно бдееше за спас на оваа банка.
Синергија  владееше меѓу раководството на Кредит Свис и Владата на Швајцарија само со една цел, да се спаси правниот субјект.
Кај нас молкот и натаму царува, почнувајќи од Собранието и Владата на Република Македонија, Народна банка, судство и обвинителство.
Фактите сами за себе говорат дека Република Македонија е заробена држава од криминалот и корупцијата. Со ваков бенчмарк, Македонија уште долго ќе тапка во место пред портите на европското семејство.
Почитувани читатели, во животот сериозно сум работел за многу високо развиени Европски земји.
Во тие земји системот го штитеше мојот капитал, системот ми ја гарантираше мојата слобода да работам и заработам.
Замислете, таму бев странец. Со сиот свој капитал дојдов во Македонија за да се  чувствувам ограбен во сопствената држава.
Верувам во правда и никојпат нема да отстапам од мојот пат за вистината, онаа единствена  вистина која веќе три години умешно се крие од очите на јавноста.
Знам дека не сум единствениот кого сопствената држава го уништила, меѓутоа можеби сум единствениот кој секојдневно ги повторува фактите дека не постоеше причина Еуростандард банка да се однесе во стечај!
Животот ме стокмил да бидам борец. Би сакал примерот со Кредит Свис и местото на Швајцарската Влада да биде пример во учебниците, како треба да се штити и негува сопствениот стопански субјект.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close