Еуростандард банка vs КОД – привид или вистина

Почитувани читатели, во оваа колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка повторно ќе се навратам на импресиите и реакциите што се појавија во јавноста, веднаш по објавувањето на извештајот од мојата приватна истрага за стечајот на Еуростандард банка.

Помина повеќе од еден месец. Заклучувам дека очекувани беа првичните реакции од Јавното Обвинителство, Народна Банка, Комерцијална банка и Асоцијацијата на банкари кои се трудат од петни жили да ги маргинализираат и забошотат покажаните аномалии, кои денес се практикуваат во банкарскиот систем во Република Македонија.

Целиот извештај е обзнанен во изворна форма на социјалните мрежи. Сметам дека ви е јасно дека немав намера ништо да сокријам од јавноста поврзано со Еуростандард банката.

Овој факт е посебно битен од две причини: првата дека граѓаните треба да разберат каде се основите за нашето високо место на листата по Транспаренси Интернешнл за организиран криминал и корупција. Објавениот извештај ја открива генезата, како функционира овој организиран криминал во Република Македонија. Втората причина е мојата цел, да ги заинтригирам институциите на државата, повикани да се занимаваат со борба против организираниот криминал и корупција. Реакциите се поразителни. Моите сограѓани ми ја даваат поддршката да истраам во мојата борба и секојдневно се појавуваат со свои лични искуства кои укажуваат идентичен начин на оштетување од системот. Да појаснам, кога говорам за системот говорам дека тој треба да биде посветен на граѓаните во смисла на нивна безбедност и слобода.

Ме зачудува и молкот на партиите од власт и опозиција, како и многу невладини организации кои останаа неми на овој извештај. Ме зачуди и фелата на новинари, особено новинарите кои се занимаваат со истражувачко новинарство за девијантните појави во општеството. Дури и популарната ИРИ, детектор на криминогени деанија во нашето секојдневие, не покажа интерес. Единствено во етерот се појави госпоѓата Снежана Лупеска со својата емисија КОД во која од објавениот извештај како најинтригантна тема го издвои трансферот на финансиски средства од Венецуела. Објавениот извештај нуди многу повеќе материјал за коруптивните и незаконски трансфери на средства без знаење на сопствениците на трансакциските сметки. Токму на овој план новинарите кои се занимаваат со истражувачко новинарство треба многу попрофесионално да се ангажираат и посветат. Сепак предизвикот остана само кај госпоѓата Лупеска.

Се прашувам, што треба да направам да го освестам поединецот и општеството дека се работи за нешто многу сериозно во Република Македонија, а тоа е невиден криминал и корупција?

Со големо внимание ги следев двете емисии на КОД на Снежана Лупеска поврзани со недозволени финансиски трансакции од Венецуела. Табеларно никаде не покажа дека 110 милиона евра се стигнати во Македонија, од поранешни вработени во Еуростандард банка, чии имиња не ги обзнанува, но дознава дека во банката требале да се слеат 1,6 милијарди евра. Замислете, јас акционер во Еуростандард банка не сум информиран или запознаен за таков огромен трансфер, дека требало да се слеат 1,6 милијарди евра од Венецуела, но скриен поранешен вработен знаел за сите овие трансакции. Госпоѓо Лупеска дали се работи за нарачка? Во дадениов случај вие повеќе посветувате внимание на парите од Венецуела, отколку на вистинските криминогени деанија на банкарскиот систем во Македонија. Јас загубив банка и колатерални бизниси повеќе од 100 милиони евра, првенствено од коруптивниот систем во Република Македонија. Очигледно тоа вас не ве интересира, ама за парите на Мадуро сте заинтересирани. Ме разочаравте со вашата несериозност во обидот да објавите сензација во Република Македонија врзана за моето име.

Ме зачудува несериозноста на оваа истражувачка емисија која повеќе наликува на шпекулации, иако објавениот референтен извештај од господинот Драго Кос, финансиран од моја страна, дава многу јасни патокази каде треба да се води истрагата. Целта на овој извештај беше не да се штитам себе си, туку напротив да укажам на криминогени деанија во банкарскиот свет.

Госпоѓо Лупеска, вие ја водевте вашата емисија КОД за т.н. криминал во Порцеланака-Велес и моето криминогено досие. Епилогот ви е многу добро познат, се судривте со вистината. Криминал во мене не барајте и ве молам во иднина да не го споменувате моето име во вашите емисии доколку немате аргументи, во спротивно ќе се соочите со тужба за клевета.

Почитувани читатели, во животот сум се борел сам, настојувајќи да ги реализирам зацртаните цели. Колку од тие зацртани цели сум реализирал делумно или целосно, тоа е веќе резултат на многу битни и небитни фактори кои стоеле на мојот пат. Секогаш сум негувал добри односи со моето опкружување и неразбирливо ми е да молчат луѓе и институции на кои што несомнено многу сум им дал и помогнал.

Јас не отстапувам од мојата зацртана цел, а тоа е обезличување на организираниот криминал и корупција во банкарскиот систем, а чинителите на овој недозволен со закон чин треба да се соочат со правдата.

Трифун Костовски

 

 

 

 

Back to top button
Close