Филипче ја повика Сиљановска-Давкова да го запре најавеното спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање

Назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), премиерот Христијан Мицкоски и Владата го направија во диктаторски манир и со киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.

Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Собранието, рече дека назначувањето на ваков кадар од страна на актуелната власт не значи ништо друго освен понижување на професионалците што работат во АНБ.

Од денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче / Фото: СДСМ

„Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори и АНБ стана институција во којашто работат одлични професионалци, за кои назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување“,рече Филипче.

Според лидерот на СДСМ, Мицкоски со ваквиот манир потсетува на неговиот партиски претходник (Никола Груевски н.з.), во чие време овие институции се користеа за пресметка со политички неистомисленици и новинари.

„Не може никако поинаку да се толкува ова назначување на оваа навистина чувствителна позиција“, изјави Филипче.

Тој најави дека овој потег на Владата ќе ги известат сите стратешки партнери на државата од кои ќе побараат соодветно мислење и реакција.

Истовремено, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја повика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да заземе став и да го запре најавеното спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање (АР).

„Да не се откажува од нејзините ингеренции поради тоа што кога веќе има ваква најава за партизација на оваа институција, а тоа значи дополнително зголемување на капацитетите на АНБ кога би се фузионирала според најавите на премиерот со Агенцијата за разузнавање. Тоа ќе биде една многу гломазна институција која тешко ќе се контролира, којашто впрочем видовме во едно минато време до 2016 година за што и како се користеше“,изјави Филипче.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика многубројни прашања и реакции во јавноста. Една од главните се однесува на тоа што тој до неодамна беше член на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје. Од Владата, но и самиот Христовски, изјавија дека тој ја завршил својата партиско-политичка кариера со тоа што лани во декември се повлекол од членство во партијата и дека Законот за АНБ не е прекршен во неговиот случај.

Објавата на Фејсбук во која Христовски ѝ го честита петтиот роденден на АНБ и посака тој да и биде последен, тој во интервјуто за емисијата „Код“, објавено вчера вечер, ја објасни во корелација со залагањата на актуелната влада за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање во една институција.

„Доколку тоа се случи во текот на следната година, како што најави премиерот, АНБ формално повеќе нема да постои. Така што, не може повеќе да се прославува роденден на Агенција за национална безбедност која не постои“,рече Христовски во интервјуто.

Back to top button
Close