Фон дер Лајен: Мора да се обединиме во инвестирањето во чиста енергија  

Светот се движи кон чиста енергија побрзо од кога било досега и само лани глобалните трошоци за чиста енергија достигнаа рекордни 2.000 милијарди американски долари, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Глобалниот форум за енергетска транзиција во рамки на Светскиот економски форум во Давос.

– За секој долар инвестиран во фосилни горива, имавте два долари инвестирани во обновлива енергија. Во електроенергетскиот сектор, инвестициите во чиста енергија се поголеми од оние во фосилните горива во сооднос десет спрема еден. Ова е промена на која работиме со години, рече Фон дер Лајен.

Според неа, ова не е само добра вест за Планетата, туку и за иновациите, енергетската независност и економската конкурентност и создава нови работни места и ги намалува сметките за енергија.

Таа потенцира дека и покрај ова има уште два големи предизвици кон глобална транзиција за чиста енергија – малиот број на инвестиции во овој сектор во Африка, каде 600 милиони луѓе се уште немаат пристап до електрична енергија, и потребата од зголемување на капацитетите за добивање енергија од обновливи извори.

– Сето ова бара огромни инвестиции. Ниту една компанија, ниту една земја и ниту еден регион не може да го стори тоа сам. Мора да работиме заедно и мора да дејствуваме сега, додаде Фон дер Лајен.

Според неа, потребно е да се одржи моментумот на историскиот глобален енергетски договор, неговите цели да се преточат во многу конкретни проекти и да се привлечат повеќе инвестиции во обновливи извори на енергија.

– Треба за да се осигураме дека владите, компаниите и инвеститорите ќе се поврзат едни со други, како што тоа го прават денеска овде. Во овие времиња на сурова геостратешка конкуренција важни се предвидливоста, сигурноста и доверливоста. Сакам да бидам многу јасна со мојата порака: Европа останува на курсот и ние сме подготвени да работиме со сите глобални актери за да ја забрзаме транзицијата кон чиста енергија, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето на Глобалниот форум за енергетска транзиција во Давос.

Back to top button
Close