ГАК: Наодот за 33-годишната почината пациентка И.К. оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево

– Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје вчера попладне го доби хистопатолошкиот наод за пациентката И.К. од Скопје, родена 1987 година, која почина на КАРИЛ на 9 мај 2021, а која беше примена на ЈЗУ У ГАК на 21 април 2021 година со голем тумор на матката и оперирана на 22 април со уреден оперативен тек

Наодот, како што наведуваат во соопштение, оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево и на вроден сегментен недостаток на мускулниот слој на тенкото црево што всушност е и причината која довела до постоперативна спонтана перфорација, што беше причина за вториот оперативен третман на пациентката во присуство на дигестивен хирург.

Истакнуваат дека оваа дијагноза е исклучително ретка и во голем број од случаите причината за нејзино појавување е непозната но најчесто е асоцирана кај пациенти кои имаат голем солиден тумор, лимфом, леукемија или некоја воспалителна болест. Системската форма на оваа болест, појаснуваат, според достапната литература, е асоцирана со многу тешка клиничка слика чија дијагноза е невозможно да се постави предоперативно.

Напоменуваат дека пациентката има историја за претходни оперативни зафати, извадена слезинка пред пет години и пунктирани лимфни јазли пред три години кои веројатно се во склоп на системската болест што ја имала пациентката.

Во соопштението стои дека триесет и тригодишната пациентка  шест дена се лекуваше на ГАК и во стабилна состојба на 29 април  е хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија.

Back to top button
Close