Германија размислува за забрана на паметните очила на Мета

Паметните очила од американската технолошка компанија Мета би можеле да бидат забранети во Германија бидејќи овозможуваат речиси незабележливо снимање на луѓе на јавно место, предупреди комесарот за заштита на податоци на Хамбург, Томас Фукс. Неговата канцеларија заклучи по тестирањето на уредот дека тајното снимање со такви очила ги крши правилата за заштита на лични податоци.

Паметните очила на Мета изгледаат речиси неразлични од обичните диоптерски очила или очила за сонце, но имаат вградена камера што може да се користи за фотографирање и видеа. Само мало светло на рамката предупредува дека се одвива снимање, што минувачите лесно можат да го пропуштат, пишува tagesschau.

Ваквите уреди стануваат сè попопуларни, особено откако Мета воведе нови модели во јуни. Фактот дека се незабележливи ги загрижува регулаторите, бидејќи луѓето во близина честопати немаат начин да знаат дека некој ги снима. Фукс, чија канцеларија е одговорна за надгледување на услугите на Мета во Германија, рече дека дискретното снимање на луѓе во јавност е забрането. Неговата институција детално ги тестирала очилата и заклучила дека таквата употреба претставува кршење на прописите за заштита на податоците.

Канцеларијата во Хамбург веќе покренува постапка и изрекува казни во случаи на неовластено снимање. Фукс не ја исклучува можноста за целосна забрана за продажба на паметните очила на Мета во Германија.

Германските прописи забрануваат поседување и продажба на уреди за снимање кои се маскирани како секојдневни предмети. Според Фукс, очилата на Мета би можеле да се сметаат за такви скриени камери.

За евентуална забрана би одлучила германската федерална агенција за мрежи, Bundesnetzagentur, која, според ARD, моментално разгледува понатамошни чекори. Доколку забраната се спроведе, на Мета повеќе нема да ѝ биде дозволено да ги продава своите паметни очила на германскиот пазар.

Проблемот со тајното снимање со паметни очила веќе се поврзува со нови форми на дигитално насилство. Жените се особено изложени на ризик, бидејќи се снимаат во приватни или интимни ситуации без нивно знаење, додека изгледот на уредот го отежнува навременото препознавање дека камерата е вклучена

Back to top button
Close